Контроверзната социјална мрежа „Парлер“ е повторно достапна

Parler
фото: WIkimedia Commons

Еден месец откако Амазон го прекина нејзиното хостирање, алтернативната социјална мрежа „Парлер“ стана повторно активна.

Компанијата преку соопштение објави дека нејзината страница сега е достапна за корисниците со веќе постоечки сметки на платформата, а веќе од следната недела ќе започне и со регистрација на нови корисници.

Од таму најавија и дека „Парлер“ има нов привремен извршен директор – Марк Меклер, откако претходниот беше отпуштен во јануари. Меклер во САД е познат по тоа што ја основаше десничарската група „Tea Party Patriots“, која отворено го поддржуваше поранешниот претседател Доналд Трамп.

И покрај тоа што старите корисници можат повторно да се логираат, сепак постовите објавени пред „Парлер“ да биде симната од интернет, засега се недостапни.

Функционирањето на апликацијата е неизвесно. „Епл“ и „Гугл“ сè уште не ја вратиле „Парлер“ во нивните „продавници“ за апликации, откако претходно ја отстранија поради тоа што дозволила поттикнување на насилство и криминал на својата платформа.

„Парлер“ во моментов е и под лупа на американскиот Конгрес, од каде после немирите во јануари побарале документи за нејзиното финансирање и работење.

Апликацијата беше позната по расистичките и екстемистички содржини, а стана прибежиште за конзервативните корисници чии сметки беа избришани од главните социјални мрежи како Фејсбук, Инстаграм и Твитер, во главно поради несогласување со политиките за проверка на факти.

По изборите во САД, „Парлер“ стана собирен центар на приврзаниците на Трамп за кампањата „Stop the Steal“, во која се тврдеше дека изборите се украдени од Демократите, што подоцна, на 6 јануари, прерасна во смртоносен обид за пресврт на изборите.

Алтернативната социјална мрежа „згасна“ од интернет на 11 јануари, кога Амазон како хостинг-провајдер ги прекина услугите за апликацијата.

По релансирањето, „Парлер“ својот домен го регистрираше на „Епик“, компанија позната како засолниште на крајно десничарски веб страници.