„Амазон“ го прекина хостирањето на контроверзната социјална мрежа „Парлер“

Parler
фото: WIkimedia Commons

Технолошките компании „Амазон“ (Amazon), „Епл“ (Apple) и „Гугл“ (Google) преземаа чекори за суспендирање на социјалната мрежа „Парлер“, која се претставува како алтернатива на „Твитер“ и „Фејсбук“ и која им послужи за координација на учесниците во немирите во Вашингтон во средата.

„Епл“ и „Гугл“ први објавија дека ја отстрануваат апликацијата од своите продавници затоа што истата не ги прегледувала објавите на корисниците, со што дозволила многумина од нив да поттикнуваат насилство и криминал. Од „Епл“ посочија дека суспензијата ќе трае сè додека платформата не ги реши наведените проблеми.

По притисокот од јавноста, и „Амазон“ соопшти дека ја прекинува услугата за хостирање на „Парлер“ поради повеќекратно кршење на нивните правила за користење.

Во писмото до „Парлер“, „Амазон“ рече дека испратила 98 примери од објави на платформата кои поттикнуваат насилство, дека многу од објавите останале активни и е јасно оти апликацијата нема ефикасен процес за усогласување со правилата на „Амазон“. Од таму порачаа дека „Парлер“ претставува многу реален ризик за јавната безбедност.

„Амазон им обезбедува технологија и услуги на клиентите од целиот политички спектар и ќе продолжиме да го почитуваме правото на „Парлер“ сама да реши каква содржина ќе дозволи на својата страница. Сепак, не можеме да обезбедуваме услуги на клиент кој не може ефикасно да ги идентификува и отстрани содржините кои охрабруваат или поттикнуваат насилство врз другите“, се вели во писмото на „Амазон“.

Со оваа одлука, од вчера се затворени веб-страницата  и апликацијата на „Парлер“, кои ќе останат недостапни сè додека истата не најде нов хостинг добавувач.

Amazon
фото: Christian Wiediger на Unsplash

Од „Парлер“ соопштија дека очекувале ваков чекор и дека бараат нов хостинг провајдер.

„Постои можност „Парлер“ да биде недостапна на интернет до една недела, бидејќи повторно се градиме од нула“, објави извршниот директор.

Но, и да најде нов сервис за хостирање, не е јасно колкава моќ ќе постигне „Парлер“. Ниту една апликација или социјлна мрежа која се претставувала како алтернатива досега не успеала да привлече голем број на корисници на подолг рок.

Инаку, „Парлер“ е алтернативна социјална мрежа популарна кај конзервативците која најмногу беше користена од приврзаниците на претседателот во заминување Доналд Трамп, вклучително и за дел од учесниците во немирите во американскиот главен град во средата.

Во текот на изминатите месеци, „Парлер“ стана една од најбрзо растечките апликации во САД, со милиони приврзаници на Доналд Трамп кои се префрлија на платформата откако „Фејсбук“ и „Твитер“ ги засилија напорите за сузбивање на дезинформациите што се ширеа пред и по претседателските избори во ноември. Речиси сите најпознати социјални мрежи преземаа чекори за ограничување или суспендирање на Доналд Трамп, вклучително и „Фејсбук“, „Инстаграм“, „Твитер“, „ТикТок“, „Снепчет“, „Твич“ и други.

Апликацијата себеси се смета за „непристрасен социјален медиум“ и „место каде луѓето можат да зборуваат и да се изразуваат отворено“.

Но, платформата не успеа да го заузда говорот на омраза и повиците за насилство, за кој големите технолошки компании стравуваат дека може да доведе до друг настан како опсадата на Конгресот. Платформата е полна со дезинформации, вклучувајќи и  неосновани обвиненија за измама на гласачите. „Парлер“ стана центар на теориите на заговор поддржани од Трамп, ставајќи сомнеж врз изборот на Џо Бајден за нов претседател на САД. Многу конзервативни политичари станаа активни на оваа платформа.

Глабалната организација за борба против омраза, АДЛ, соопшти дека на „Парлер“ лесно стануват популарни корисничките профили со расистички објави.

„Негирањето на холокаустот, антисемитизмот, расизмот и други форми на фанатизам исто така можат лесно да се најдат таму“, соопшти АДЛ во својот извештај.

Инаку, „Си-ен-ен“ пишува дека една од основачите на  „Парлер“, Ребека Марсер, е ќерка на Роберт Марсер, коосновач на сега веќе непостоечката фирма за анализа на податоци „Кембриџ Аналитика“.

„Кембриџ Аналитика“ беше во жариштето на случајот по претседателските избори во САД во 2016 година, кога беше обвинета за искористување на податоците на милиони корисници на Фејсбук за време на тогашната кампања на Доналд Трамп.