fbpx

Контраспин: Не се патниците оние кои треба да им ја проверуваат документацијата на автопревозниците

-

Не е работата на граѓаните да проверуваат дали сите услуги што ги користат се во согласност со сите закони коишто постојат во државата. Ниту можат да го знаат сето тоа, ниту треба да го знаат и да го бараат. Затоа постојат надлежни институции коишто треба да вршат надзор и да контролираат дали нешто функционира според регулативата, а доколку тоа не е случај соодветно да постапуваат и сакнционираат. Во овој случај, обврска на фирмите кои вршат превоз на патници е да имаат соодветни лиценци, а на Државниот инспекторат за транспорт да провери дали тие ги почитуваат законите и да ги казнат сите за сите пропусти. Царинската управа, пак, не смеела да дозволи возило да ја напушти или да влезе во државата без соодветна документација. И тоа не еднаш, туку 135 пати едно исто возило без лиценца, како што утврди истрагата, пишува „Вистиномер“ во најновиот „Контраспин“.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Владиниот национален координатор за гранично управување, Владимир Пивоваров за трагичната автобуска несреќа во Бугарија во која животот го загубија 45 лица, а 7 беа повредени, прстот го впери и кон граѓаните за кои рече дека и тие имаат дел од одговорноста. Пивоваров во изјава за емисијата „25 минути“ на 24 вести, изјави дека одговорност имаат и граѓаните како што имаат и институциите. Според него граѓаните требале да проверат дали автобусот има лиценца. Оваа изјава ја оценуваме како спин.

Спин: Дали некој од патниците прашал или побарал да види дали возилото со кое патувале има интербус дозвола? Верувам дека не, изјави тој во интервјуто(16:08 – 16-18 од видеото)

На потпрашањето од новинарката дали граѓаните мора да прашуваат, Пивоваров одговара:

апсолутно мора да прашуваме.

 

Контраспин: Одговорноста за контрола на патниот сообраќај ја има државата односно институциите кои се надлежни да воспостават ред, а притоа се финансирани од државниот буџет, односно од граѓаните. Граѓаните очекуваат, со право, државата да се грижи за нивната безбедност односно да осигура дека сè функционира правилно и согласно законските прописи.

 

Што вели законот за тоа кој ја има одговорноста?

Законот за превоз во патниот сообраќај е многу јасен и дециден. За нерегуларностите кои се појавија во истрагата за превозникот „Беса транс“, одговорноста ја имаат две институции – Државниот инспекторат за транспорт и Царинската управа кои очигледно дозволиле да се случат големи пропусти.

Членот 81 точно ја локализира одговрноста во Царинската управа, која дозволила возилото да влезе и излезе од државата без соодветна документација.

Царинската управа, на граничниот премин, односно на друго место каде што се врши царинскиот надзор проверува дали домашниот и странскиот превозник имаат дозвола и други исправи и документи (патен налог или товарен лист или план за возење на возачите или извод од лиценца или сертификат за учество на возачите во меѓународниот патен сообраќај и слично), пропишани со овој закон за вршење на соодветен вид на превоз и дали превозникот го врши превозот во согласност со тие документи.

Ако царинската управа утврди дека странски или домашен превозник нема во возилото дозвола и другите потребни исправи или истите не ги користи на пропишан начин, ќе забрани влез на возилото во Република Македонија, односно излез од неа.

Државниот инспекторат за транспорт од друга страна, пак, потфрлил во надзорот односно да открие дека возилото немало соодветна лиценца за меѓународен транспорт. Тоа јасно се гледа во членовите 87 и 88 од Законот.

Член 87
Инспекцискиот надзор над примената на одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон што се однесуваат на меѓуопштинскиот, посебниот линиски превоз на патници меѓу две и повеќе општини и меѓународниот превоз на патници и превозот на стока во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај го врши Државниот инспекторат за транспорт, преку државни инспектори за патен сообраќај.

Член 88
Државните инспектори за патен сообраќај вршат надзор на:
– исполнувањето на условите за добивање на лиценца за меѓуопштински и меѓународен превоз на патници и стоки,
– исполнувањето на посебните техничко-експлоатациони услови на возилата за вршење на одделни видови на превоз,
– спроведувањето на спогодбата од членот 23 на овој закон.
– превозот на патници во меѓуопштинскиот патен сообраќај,
– превозот на стоки во внатрешниот патен сообраќај,
– превозот на патници и стоки во меѓународниот патен сообраќај,
– посебниот линиски превоз на патници што се врши меѓу две и повеќе општини и
– автобуските станици и постојки.

Доколку државните инспектори за патен сообраќај при вршењето на инспекцискиот надзор утврди постоење на која било причина наведена во членот 12 од овој закон, или дека превозникот не ги одржува сите линии за кои има добиено дозвола или утврди дека настанале промени во поглед на исполнувањето на условите врз основа на кои е одобрена определена линија за која е издадена дозвола (намалување на бројот на возила, возачи и слично), ќе поднесе предлог до министерот за транспорт и врски да донесе решение за одземање на лиценцата, односно за трајно одземање на дозволата и бришење на возниот ред од регистарот на возни редови.

Не е работата на граѓаните да проверуваат дали сите услуги што ги користат се во согласност со сите закони коишто постојат во државата. Ниту можат да го знаат сето тоа, ниту треба да го знаат и да го бараат. Затоа постојат надлежни институции коишто треба да вршат надзор и да контролираат дали нешто функционира според регулативата, а доколку тоа не е случај соодветно да постапуваат и сакнционираат.

Во овој случај, обврска на фирмите кои вршат превоз на патници е да имаат соодветни лиценци, а на Државниот инспекторат за транспорт да провери дали тие ги почитуваат законите и да ги казнат сите за сите пропусти. Царинската управа, пак, не смеела да дозволи возило да ја напшти или да влезе во државата без соодветна документација. И тоа не еднаш туку 135 пати едно исто возило без лиценца, како што утврди истрагата. Граѓаните кои уплатиле патување и отишле на екскурзија во друга земја да си поминат убаво, немаат никаква одговорност за сите овие пропусти. Вакви изјави се несоодветни претставуваат непочит кон жртвите и членовите на нивните семјества кои претрпа голема загуба, се нагласува во најновиот „Контраспин“ на „Вистиномер“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...