Кон маѓепсан круг или кон циркуларна економија

Фото: ЕСМ

Додека Балканот сѐ уште се гуши во сопствениот отпад, во светот се развиваат нови концепти за да се спаси од него. Еден од поновите е концептот на кружната (или циркуларната) економија, пишува Малинка Ристевска – Јорданова во својата нова колумна за Порталб.

Автор: Малинка Ристевска – Јорданова

Додуша, развиениот свет, исто така, и создава сѐ повеќе отпад, па мора да се справува со него на сѐ поефикасен начин. Во ЕУ се создава во просек по 1.700 кг отпад по жител годишно. Во регионот на Западен Балкан се создава по околу 1.000 кг отпад по жител. Според податоците од 2018 година, во ЕУ се преработува повеќе од половината од отпадот (54,6%). Преработката на отпадот опфаќа рециклирање, повторна употреба, пополнување и насипување или користење за друга економска намена. Така, 37,9% од отпадот биле рециклирани, 10,7% искористени за пополнување и насипување, 6% искористени за енергија. За Западниот Балкан се проценува дека само 3% од отпадот се рециклира. Иако ова е податок наведен во Насоките на Европската комисија за спроведувањето на Зелената агенда за Западниот Балкан, прашање е колку е и таа проценка точна, зашто голем проблем во целиот регион е веродостојноста на податоците. Така, на пример, во Македонија минатата година само четвртина од општините (25,9%) доставиле извештати до Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) за комуналниот отпад, а скоро половината општини (49%) никогаш не доставиле годишни извештаи, што инаку им е законска обврска.

Проблемот со податоците е само еден од десетте клучни проблеми идентификувани во сеопфатната проценка за состојбата со управувањето на отпадот во регионот, изработена за Европската комисија и објавена како посебен извшетај во 2017 година. Иако оттогаш се изминати веќе пет години, работите бавно се менуваат, а разликите меѓу државите не се големи. И натаму отпад се отстранува „на диво“, а повеќето депонии се супстандардни. Законите многу слабо се спроведуваат, надлежностите се нејасно поделени, а и административниот капацитет е слаб. Наплатата на надоместоци е на ниско ниво, а нема ефикасен пристап за финансирање нови услуги. Принципот на проширена одговорност на производителите недоследно се спроведува. Јасно е дека постојната инфраструктура за собирање отпад во регионот нема да овозможи достигнување на целите за третирање на отпад на ЕУ. Авторите констатираат дека е мала веројатноста постојните мерки на политиката да ги поттикнат материјалите нагоре во хиерархијата на отпадот.

Без поместување на хиерархијата на отпадот нема да биде можен премин кон кружна економија. Kружната (или циркуларна) економија е дури дефинирана во новиот Закон за управување со отпадот. Таа подразбира „одржување на вредноста на производите, материјалите и ресурсите, што е можно подолго со нивно враќање во производниот циклус на крајот од нивната употреба, минимизирајќи го создавањето на отпад“.

Кружната економија е една од петте клучни точки на Зелената агенда за Западниот Балкан. Сепак, за оваа точка Акцискиот план за спроведување на Зелената агенда предвидува само седум, и тоа прилично општо предвидени активности. Некои од нив се само на ниво на препорака, како на пример „унапредување на одржливоста на примарното производство на суровини“ или „примена на пристап на индустриски екосистем…“. Ќе се поттикнува јавната свест со кампања на ниво на регионот. За инфраструктурата само се предвидува „натамошен напредок во изградбата и одржувањето“. Секако, се планира и подготовка на национални стратегии за кружната економија. Засега, извесно е дека на регионално ниво Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) ќе се спроведува посебен проект “Регионална иницијатива за поддршка на циркуларната економија“ (ЦЕРИ), кој е веќе започнат во октомври 2021 година. Покрај техничката поддршка на стратешко ниво и ниво на политики тој предвидува и инвестиции во 10 проекти за кружната економија во регионот во вредност од 153 милиони долари.

Иако нашиот нов Национален план за управување со отпадот за периодот 2021-2030 година го препознава концептот на циркуларна економија и се обидува да го примени барем во одделни подрачја (на пример градежен отпад), ќе биде неопходен нов, посеопфатен и поконзистентен пристап, доколку сакаме да го фатиме чекорот. За тоа се потребни и поголеми инвестиции. За жал, инвестициите во животната средина во нашата земја се намалуваат – од 8.394.465.590 ден. (136 милиони евра) во 2018 година на 3.911.333.000 ден. (63,8 милиони евра) во 2020 година (според податоците од Државниот завод за статистика). Не помалку важен е развојот на нови мерки на политиката, кои ќе поттикнат кружна економија. Без посилни капацитети и тоа на сите нивоа, промени нема да бидат можни. Секако, потребен е и развој на квалитетни проекти кои ќе можат да конкурираат за и онака оскудните расположиви средства од меѓународни извори. Во спротивно, ќе се вртиме повторно во маѓепсаниот круг – само да донесуваме нови стратеии и планови и да ги менуваме законите, а состојбите да останат исти или многу бавно да се менуваат.