Коалиција за клима: Закони не се менуваат поради проект, туку поради заштита на животната средина

Екологистите денеска побараа пратениците да ги повлечат предложените измени на законите во скратена постапка, бидејќи тие „зафаќаат аспекти од одредени права заштитени со Уставот и предвидуваат исклучоци од веќе воспоставените правила“

Коалицијата за клима бара законите кои се од областа на животната средина и на климатските промени да се носат во редовна постапка, бидејќи на тој начин ќе се овозможат јавни и стручни расправи на кои ќе се анализираат сите влијанија од предложените законски изменувања.

За екологистите, менувањето на Законот за шуми и Законот за минерални суровини во скратена постапка е штетно, бидејќи предложените измени на законите зафаќаат аспекти од одредени права заштитени со Уставот и предвидуваат исклучоци од веќе воспоставените правила. Од тие причини тие денеска побараа пратениците да ги повлечат предложените измени на законите во скратена постапка и да спроведат процес на консултација со граѓаните и граѓанските организации во формулирање на било какви законски текстови и истите да ги предложат да бидат усвоени во редовна постапка.

„Законите не би требало да се изменуваат заради конкретен проект, туку треба да воспостават систем во кој заштитата на животната средина и природата би биле приоритет“, апелираат од Коалицијата за клима.

Екологистите сметаат дека нетранспарентниот процес во носењето и менувањето на закони од значење за животната средина предизвикува недоверба во власта и институциите и отпор кон проекти, кои можеби и се добри за заштитата на животната средина и од значење за унапредување на животната средина и заштита на климата.

Коалицијата за клима реагира за предложениете измени на Законот за шумите кои предвидуваат дека на „стратешките инвеститори“ не се применуваат одредбите за согласност за трајна пренамена на шуми и шумско земјиште, па се заклучува дека тие немаат немаат обврска да бараат согласност од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

„Одредбите од предложените измени според кои трајната пренамена завршува според новиот член кој се предлага да се додаде во Законот за шумите, без притоа тој да регулира било каква постапка, остава отворено прашање како се врши трајната пренамена на земјиштето и врз основа на што понатаму Агенцијата за катастар на недвижности ќе ја запише промената кога нема да има никаков акт на државен орган“, велат екологистите.

Предложените измени на Законот за минерални суровини, пак, предвидуваат изменување на постапката за доделување концесија за детални геолошки истражувања и времетраењето на концесијата за експлоатација на минералните суровини при изградба на „стратешките инвестиции“.