Панорама на Скопје | Фото: Slavcho Malezanov on Unsplash

Светот е соочен со сериозните последици од климатските промени кои сѐ потешко се избегнуваат, а земјите во развој, како нашата, се особено погодени поради неможноста финансиски да се справат со загубите и штетите. Поради тоа мора да се планира прилагодување на сите сектори, со цел подобро справување со новонастанатите климатски услови. Централните власти треба да го забрзаат процесот на планирање на адаптацијата кон климатските промени, во сите активности да се вклучат локалните власти, а целиот процес да биде транспарентен и да овозможи активна вклученост на сите граѓани, соопштуваат од мрежата „Коалиција за клима“, по повод 17 јуни, Светскиот ден на суша и опустинување.

„Во пчеларството најмногу ги чувствуваме климатските промени, бидејќи последните неколку години добиваме минимални количини на мед, а во одредени региони нема воопшто приноси. Доведен е во прашање и опстанокот на пчелните семејства“, вели Менде Трајковски, од Сојузот на пчеларски здруженија.

Според Лилјана Јоноски, извршна директорка на Рурална Коалиција, климатските промени се сѐ поприсутни на полињата, родот е со сѐ помал квалитет, а сведоци сме на целосно уништени посеви или овоштарници зависно од тоа каде има невреме. Но, и покрај тоа, над 90 отсто од земјоделците сметаат дека државата треба да го реши проблемот со климатските промени, па не преземаат активности за прилагодување, сметајќи дека се тоа премногу скапи процеси, односно досега немало посебна стратегија за адаптација на земјоделството.

„Во последната Национална стратегија за земјоделство и рурален развој, за прв пат се споменуваат одредени мерки и активности за прилагодување на земјоделското производство кон климатските промени”, вели таа.

Проекциите за екстремните временски настани, во рамки на Четвртиот национален план за климатски промени, покажуваат дека С. Македонија во иднина ќе се соочи со потопла и посушна клима, односно зголемување на топлите екстремни настани и намалување на студените. Очекуваното намалување на летните врнежи и продолжувањето на последователните сушни денови, ќе го зголемат ризикот од суша.

„И покрај ова, државата сѐ уште нема национален план за прилагодување кон овие нови услови од климатската криза. Тој план би требало да го обезбеди една институција, наместо дисперзија на надлежностите меѓу повеќе институции, како во моментов. Овој план ќе мора да обезбеди и силен систем за координирање и комуницирање меѓу власта и општините, бидејќи целиот товар за обезбедување и спроведување, ќе падне токму на нив“, вели Елена Николовска од Еко-свест.

Според специјалниот извештај за клима и здравје на СЗО од 2019 година, дури половина од прашаните се изјасниле дека имаат стратегија или план или стратегија за здравство и климатски промени. Загрижувачки, само 38 отсто имале испланирано финансиски средства за делумна имплементација на плановите, а помалку од 10 отсто насочиле ресурси за целосна имплементација. Само 48 отсто од државите имаат направено проценка на климатските ризици по јавното здравство.

С. Македонија имаше Стратегија за адаптација на здравствениот сектор кон климатските промени, која престана да важи во 2015 година. Оттогаш нема никаков плански документ за прилагодување на овој сектор кон промените во климата.

„Топлотните бранови тешко се предвидуваат, бидејќи недостигаат многу потребни информации од земјите. Потребни се бројни метеоролошки податоци за многу параметри и современи метеоролошки станици, со цел навремено информирање и превенција за заштита на луѓето и на производството на храна. Урбанизацијата и искористувањето на земјиштето, губењето на шумскиот фонд и пожарите играат огромна улога во топлотните бранови. Во нашата држава во моментов имаме нагорен тренд на грабање на земјиштето и ресурсите кои треба да ги штитиме“, вели Бојана Станојевска Пецуровска од Центарот за климатски промени.