Клучните проблеми од климатските промени треба да се решаваат на локално ниво

Фото: Mika Baumeister on Unsplash

Покрај на национално, потребно е земјите и на локално ниво да развиваат планови за приспособување кон климатските промени, со мерки и со цел да одговорат на влијанијата кои веќе се случуваат и чувствуваат. На пример, топењето на глечерите, зголемувањето на нивото на морињата, сушите, топлотните бранови, шумските пожари, губењето на биодиверзитетот и на питката вода. Ако не се забрза адаптацијата и не се изгради отпорно општество, овие влијанија ќе имаат големи последици врз одржливиот развој и достапноста до храна и питка вода, како и врз здравјето на луѓето.

Ова го посочи Кристина Бужароска, претставничка на CNVP – организација што се грижи за одржливо управување со шумите и природните ресурси, на осмиот ден од Националната конференција за клима, на која се разговараше како да се приспособиме на климатските промени, при што Албанија и Црна Гора ги споделија своите искуства во овој процес.

Бужароска истакна дека и да се постигне целта на ЕУ, намалување на 55 отсто на емисиите на стакленички гасови до 2030 година, сепак, ќе се чувствува влијанието од промените во климата.

Промените се сериозна закана по човечките животи и јавното здравје и ќе го стават веќе оптоварениот здравствен систем, особено во земјите со низок стандард, под уште поголем стрес. Здравствени ризици од ефектите на климатските промени се во опсег, од зголемена веројатност за пренесување на вектор-преносливи болести (како маларија и денга) и болести што се пренесуваат преку вода, до намален квалитет на воздухот.

„Според СЗО, една шестина од болестите и попреченоста на глобално ниво се должи на вектор-преносливи болести, а како последица од промената на климата се менува прераспределба и живеалишта на комарците и на другите патогени кои во себе носат болести кои за нас се непознати и можат да предизвикаат епидемии“, вели Бужароска.

Албанија е прва земја од регионот што во 2015 започна со приспособување кон климатските промени.

Мерита Мансаку-Мекси од Германската агенција за развој од Албанија објасни дека, кај повеќе општини, кога се работи за адаптација кон климатски промени, првата реакција била дека се зборува за луксуз.

„Тие размислуваат за отпад, вода, но треба да им ги отворите очите и да ги натерате да размислат како функционириаат климатските промени. Чекор по чекор, свеста се зголемува. Ние сме една од најранливите земји во однос на овие промени“, рече Мансаку-Мекси.

Според Бранка Кнежевиќ, заменик-секретар за урбано планирање и одржлив развој од Подгорица, поради топлотните бранови во 2011 и 2012, низа тропски денови и ноќи, имало пад на продуктивноста и зголемена потрошувачка на електрична енергија. Друг екстремен настан била сушата во 2007 година, кога имало 56 последователни денови без врнежи.

„Ги користиме сите механизми, активни јавни кампањи со цел да се промени оваа пракса и да се охрабрат граѓаните да учествуваат во процесите на донесување одлуки. Најважните активности се спроведуваат на локално ниво. На национално ниво се поставуваат стратегии, но на локално, треба да се работи. Нормално е да има отпор кај општините, но треба да им се посочи практичното решавање на заедничките проблеми, како што се поплавите“, рече Кнежевиќ.