Кина пробно лансираше интерконтинентална балистичка ракета за прв пат по децении

Лансирањето на проектилот, за кој кинеското Министерство за одбрана рече дека носи лажна боева глава, доаѓа во време на зголемена меѓународна контрола на нуклеарниот арсенал на земјата и поттикна изјави на загриженост од неколку држави

-

Кина најави лансирање на интерконтинентална балистичка ракета во водите на Тихиот Океан, летајќи над северната точка на Филипините, за што се верува дека е првиот ваков тест уште од раните 1980-ти години.

Лансирањето на проектилот, за кој кинеското Министерство за одбрана рече дека носи лажна боева глава, доаѓа во време на зголемена меѓународна контрола на нуклеарниот арсенал на земјата и поттикна изјави на загриженост од неколку држави, пишува Гардијан.

Проектилот бил лансиран утрово, а Министерството за одбрана соопшти дека било дел од „рутински аранжман во годишниот план за обука“. Нема повеќе детали за лансирањето, освен дека не било насочено кон некоја конкретна земја или цел.

Во посебен извештај, пак, државниот медиум „Ксинхуа“ информираше дека Кина однапред ја известила „засегнатата“ земја или земји, но не наведе за кои држави станува збор.

Високиот портпарол на јапонската влада, Јошимаса Хајаши, во изјава за новинари денеска рече дека Јапонија не била информирана пред лансирањето и дека брзото воено засилување на Кина е „сериозна загриженост“. Во меѓувреме, тајванското Министерство за одбрана само рече дека неодамна открило „интензивно“ кинеско ракетно истрелување и други вежби, но не даде повеќе детали.

Министерството за надворешни работи на Нов Зеланд рече дека пробното слетување на проектилот во Јужниот Пацифик било „недобредојден и загрижувачки развој“.

Според аналитичарите, проектилите најверојатно биле истрелани од или во близина на Хаинан и паднале некаде во близина на Француска Полинезија. Експертите претпоставуваат дека проектилот тестиран е „Донг-Фенг-31“ кој има досег од 12.000 до 15.000 километри или пак дека станува збор за неговиот претходник кој има досег до 8.000 километри.

Лажни паралели за украинскиот упад во Русија и неосновани обвинувања за НАТО

Без никаков доказ, објава на социјалната мрежа Threads го обвинува НАТО за агресија врз Курската Област на Русија и го споредува со Наполеон и Хитлер, а таму всушност упадна војската...