Како да се заштитите од несовесните продавачи на интернет: Секојдневни се поплаките од измамени купувачи

Фото: Karolina Grabowska from Pexels

Уште со почетокот на ковид-19 пандемијата драстично се зголеми е-трговијата. Затворени во домовите, потрошувачите одбраа безбедна варијанта за купување која не ги доведува во ризик од зараза, и почнаа повеќе да купуваат онлајн.

За тоа сведочат и статистиките од Народната банка во извештаите за движењата во платниот промет, каде е наведено дека во условите наметнати од пандемијата, и граѓаните и компаниите во нашата држава сè поголем број од плаќањата во домашниот платен промет ги извршуваа онлајн со користење на платежните картички и електронските кредитни трансфери.

Но, ваквите трансакции се реализирани кон фирми кои се регистрирани, и каде правата на купувачите се заштитени. Односно ако се случи проблем, купувачот има право да го замени или врати тоа што е платено, или пак со приложување на фискална сметка да се обрати во Државниот пазарен инспекторат.

Сепак, има и голем број е-продавници кои не се регистрирани како правни субјекти, а своите производи ги рекламираат и продаваат на социјалните мрежи. Тие доставуваат со брза пошта, а при испораката бараат да им се плати во готово. Се продава сè и сешто, доволно е да отворите Фејсбук или Инстаграм, да побарате што сакате да купите, а од другата страна на интернет мрежата, продавачот ветува дека ќе го испорача бараното за два-три работни дена.

За волја на вистината, во океанот на е-продавачи има и совесни. Ама, Фејсбукот е преплавен и со жалби и гнев од измамени купувачи. Нив ги има толку многу што доволно е да ја отворите Фејсбук групата „Ѕид на Измами и Прашања за Искуства од Онлајн Продавници!!!“ за да видите за какви се измами станува збор. Многумина не го добиваат тоа што го порачале, често добиваат ист модел ама друга боја. А, има и случаи кога во пратката која можеле да ја отворат само откако платиле, виделе дека продавачот им испратил нешто што тие воопшто не го порачале. По разочарувањето, тие се обидуваат да го заменат производот што го добиле со тој што навистина го порачале, но наместо да бидат услужени, најчесто е-трговците ги блокираат на нивните Фејсбук страни.

Мета.мк контактираше со неколку сервиси за брза пошта кои доставуваат за е-продавници. Некои од нив објаснуваат дека немаат одговорност што доставуваат и доколку купувачот сака да провери што има во пратката, тогаш предходно треба да ја плати барем карго услугата. Но, апелираат до потрошувачите да проверуваат од какви Фејсбук страни купуваат пред да нарачаат нешто.

Законот за електронска трговија, по кој постапува Министерството за економија, ги уредува услугите на информатичко општество поврзани со електронската трговија, одговорностите на давателите на услуги на информатичко општество, комерцијалната комуникација и правилата во врска со склучувањето на договорите во електронски облик.

При електронска трговија, согласно законот, давателот на услуги во Република Македонија е должен да постапува и да дава услуги во согласност со законите и другите прописи на Република Македонија.

Од Министерството за економија за Мета.мк изјавија дека по добиена претставка од страна на потрошувач во врска со купен производ од нерегистриран правен субјект, односно купен производ на социјални мрежи Фејсбук и Инстаграм без фискална сметка и без доказ за извршена трансакција, предметот се препраќа во Министерство за внатрешни работи. Таму за измамите на е-продавачите постапува Единицата за економски и компјутерски криминал

„Министерство за економија согласно Законот за потрошувачите и Програмата за заштита на потрошувачите во соработка со НВО, советува потрошувачите во Република Северна Македонија да го избегнуваат овој начин на купување на било какви производи бидејќи ова е најнебезбеден начин во поглед на измама на потрошувачот што нема да го добие посакуваниот производ и од друга страна постои можноста дека тој производ не е безбеден производ за каква било употреба“, апелираат надлежните.