Јутјуб наводно тестира нова функција за играње видеоигри на платформата

Од вработените во „Гугл“, во чија сопственост е Јутјуб, преку електронска пошта било побарано да ја тестираат новата функција

Photo by Azamat E on Unsplash

„Playables“ е новата функција во развој на Јутјуб со која на видео платформата можат да бидат додадени видеоигри, објави Волстрит Журнал.

Од вработените во „Гугл“, во чија сопственост е Јутјуб, преку електронска пошта било побарано да ја тестираат новата функција. Игрите наводно можат да се играат или преку апликацијата Јутјуб на оперативните системи iOS и Android или преку прелистувач на десктоп верзијата на видео платформата.

Јутјуб не го потврди постоењето на новата функција.

„Гејмингот одамна е во фокусот на Јутјуб. Ние секогаш експериментираме со нови функции, но нема што да објавиме во моментов“, изјавил портпаролот на Јутјуб, Алекс МекКвистон.

Тестирањето на „Playables“ доаѓа откако повеќе социјални мрежи ги прекинаа претходно најавените и започнати инвестиции во видеоигри.

Како што пишува „Врџ“, компанијата „Бајтденс“ наводно значително ги намалила своите операции за развивање на игри откако експериментираше со додавање на едноставни игри во ТикТок.

Снепчет исто така рече дека ќе ги намали инвестициите во игрите.

Од друга страна, во тек се напорите на стриминг платформата Нетфликс во своите содржини бесплатно да вклучи и видеоигри, а компанијата истовремено работи и на развивање посебна услуга за „клауд гејминг“.