ЈП „Национални шуми“ започна вонредна акција за пошумување по пожарите, Заев и Хоџа први засадија дрвца

Фото: Влада на РСМ

По големите шумски пожари што ја зафатија земјава изминатото лето, ЈП „Национални шуми“ ја започна вонредната програма за санирање на штетите. Премиерот Зоран Заев, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа и директорката на ЈП „Национални шуми“ Јулиана Николова, денеска учествуваа во засадувањето со садници. Претпријатието го чекаше почетокот на поволните временски и сезонски услови, за да започнат активностите за успешна реализација на програмата.

„Со интензивното спроведување на програмата за пошумување ќе ги обновиме зелените површини, а со тоа ќе се допринесе и за подобрување на состојбата на земјиштето, за намалување или сопирање на ерозивните процеси. Владата ќе го следи активно овој процес и во секој момент, доколку се покаже за потребно, ќе учествува во дополнување на програмата на Јавното претпријатие „Национални шуми“ за посеопфатна и целосно успешна реализација на пошумувањето“, нагласи премиерот Заев.

Тој додаде дека ова е почеток на исполнување на нашата обврска и грижа за поддршка на процесите на пошумување на обесшумените површини и за зголемувањето на зелените површини, кои се од огромно значење за зачувување на биодиверзитетот, за здравјето на населението, и за ублажување на ерозивните процеси и поплавите.

„Оваа програма е нашиот потребен придонес за заштитата и за иднината на нашата животна средина со сите потребни еколошки параметри. Есента е најдобар период за пошумување за засадување на дрвца и сакам да апелирам до секој граѓанин што може да си дозволи да засади дрво и да даде придонес во здрава животна средина“, потенцираше претседателот на Владата Зоран Заев.

Министерот Арјанит Хоџа истакна дека министерството го следи европскиот тренд кој е насочен кон еколошки мерки.

„Грижата за шумскиот фонд, одгледувањето и рационалното користење, спречувањето на дивата и непланска сеча на шумите, обезбедува нивно трајно зачувување во насока на одржлив развој и унапредување на животната средина. Со денешниот симболичен почеток на пошумувањето овде во село Теново, означуваме почеток на сезоната на пошумување. Во периодот кој следи, ќе се пошумуваат и други локации согласно планот кој Национални шуми го изготвија во соработката со Владата“, посочи тој.

Директорката на ЈП „Национални шуми“ Јулиана Николова во својата изјава истакна дека садниците за пошумување се од домашно производство и ги исполнуваат потребните стандарди за успешно пошумување со цел обновување на овој наш важен природен ресурс, на сите површини кои во минатото биле деградирани, опожарени или зафатени со процесите на ерозија.

„Мета.мк“ изминатиов период имаше серија на текстови во врска со шумските пожари и заштитата на шумите во земјава. Годинава од пожари беше предизвикана штета од над 31 милиони евра, додека за пошумување на уништените површини ќе бидат потребни барем две години.