fbpx

Јавен избор со тајни биографии на новите кандидати за Антикорупциска

Во хард-копи биографиите за кандидати за членови на ДКСК ги добија само членовите на комисијата која одлучуваат за нивниот избор и на членовите кои ги вршеа интервјуата, кои мораа да потпишуваат договор за доверливост

-

Биографиите на кандидатите за членови на Антикорупциската комисија се тајни за јавноста. До денеска вечер комисијата треба да го изврши бодувањето на 42 кандидати кои се пријавија за кандидати или за претседател на новиот состав на ДКСК, но нивните биографии останаа скриени од очите на граѓаните. Во хард-копи биографиите ги добија само членовите на комисијата која одлучува за нивниот избор и на членовите кои ги вршеа интервјуата.

Тие мораа да потпишуваат договор за доверливост, бидејќи во биографиите имало „лични податоци“. Останува неизвесно зошто овие податоци, како на пример матичниот број или адресата на живеење или пак бројот на телефон не биле скриени, односно пречкртани, а истите потоа да бидат објавени, со цел јавноста да има на увид кои сè кандидати претендираат да се борат против корупцијата во наредните пет години.

Од друга страна, интервјуирањето на кандидатите, а во име на транспарентноста, беше емитувано на собранискиот канал во неделата и вчера. Но, за оваа снимка немаше никаква најава, а собранискиот канал не може да се прегледува отпосле, како што е случај со останатите телевизиски канали. Оттаму, во прашање се доведува колку всушност изборот на идните корупционери е навистина транспарентен, или пак само се крие зад завесата на отчетноста.

Не постои аргумент за ограничување на пристапот на јавноста и новинарите до биографиите (CV) на кандидатите за членови на ДКСК. Не смее да се прифаќа и воспоставува практика преку која на едно право му се штети со друго право. Приватност vs слободен пристап. Затоа постои „делумен пристап“ со кој податоците кои се под режим на исклучоци се „зацрнуваат”, ако во случајов има матични броеви на кандидатите на документите за пријава за членови на ДКСК. Но, која е поентата при јавно овозможен избор (суштината е да не ни се случи состав на ДКСК каков што имавме, а според кој имотот на ех-премиер-бегалец беше недостапен за јавноста “за век и векови амин!) биографиите кои содржат податоци за да се утврди законската подобност преку компетенциите на кандидатите да не се достапни на јавноста преку веб страната?, вели Данче Даниловска – Бајдевска, програмска директорка во Фондација Метаморфозис.

Членови на комисијата која денеска врши бодување на кандидатите беа Ели Панова од ВМРО-ДПМНЕ, Берат Ајдари од ДУИ, Фаница Николоска од СДСМ и Кастриот Реџепи од Демократско движење. Освен нив, во комисијата беа и Јован Андоновски заменик на Народниот правобранител, Никола Додов и Снежана Камиловска Трповска од Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор.

Андоновски за Мета.мк вели дека на членовите им било објаснето дека поради кратките рокови, не можеле да ги заштитат личните податоци, па затоа биографиите на кандидатите тие морале да ги подигаат во хартиена форма.

„Има Закон за заштита на лични податоци, според тој закон има многу работи кои спаѓаат во доменот на личен податок, но што се однесува до мене, јас сметам дека сепак транспарентноста треба да биде на највисоко ниво“, вели Андоновски.

Дел од кандидатите за антикорупционери се партиски активисти

Со оглед на тоа што медиумите располагаат само со листа на имиња и презимиња, можеа да се препознаат само одредени јавни личности, од вкупно 42 кои се пријавија на конкурсот за членови на ДКСК. По извршените интервјуа, денеска секој од нив ќе биде бодуван од страна на членовите на комисијата, поединечно. Понатаму, оваа листа ќе биде објавена јавно, откако ќе оди пред собраниската комисија за избори и именувања. На крајот, следи гласањето на пленарна седница на Собранието, по што ќе се знае новиот состав на ДКСК.

Според нашите проверки на имињата, дел од кандидатите се партиски активисти,  нешто што и самите го признавале во текот на интервјуата. Па така, дел од нив, самите изјавувале дека „ако победи нивната партија на избори“, и борбата против корупцијата ќе се води пожестоко.

На списокот пријавени, како што претходно анализираше Мета, се наоѓаат две разрешени судијки и две актуелни судијки, адвокати, вработени во јавни и државни институции, но и голем број луѓе кои не се познати во пошироката јавност. За разлика од јануари 2019 година, кога се бираше актуелниот состав на ДКСК, сега има помалку пријавени кандидати, односно пред речиси пет години, околу 80 луѓе претендираа да станат дел од новиот антикорупциски состав.

За нова антикорупционерка се има пријавено Софија Спасова Медарска, судијка од Основниот Граѓански суд Скопје и сопруга на адвокатот Филип Медарски. За ова место претендира и Славица Андреевска, судијка од Основниот Кривичен суд, која неодамна не беше избрана за судијка во Апелацискиот суд од страна на Судскиот совет, а набрзо треба да замине во пензија.

На листата има и две поранешни судијки. Маја Малахова беше кандидат и за претходниот состав на Антикорупциската комисија, во 2019 година. Таа беше разрешена од судиското место во 2002 година а потоа стана претседателка на Државната комисија за жалби по јавни набавки. На конкурсот се пријавила и Татјана Михајлова, која во 2021 година беше разрешена од Судскиот совет за нестручно и несовесно работење. Мехди Мустафа е државен советник за стратешко планирање во Министерството за внатрешни работи, Кариман Авзији е вработен во Сектор за аналитика и статистика на судовите во РСМ при Судски совет, а Сервет Демири доаѓа од Агенцијата за странски инвестиции. Берат Дехари е заменик-директор на Национални паркови, близок до ДУИ, додека Фикрет Зенуни од Гостивар е вработен во УЈП.

Освен нив, за претседателско место во ДКСК се кандидирал Борис Кондарко, член на Државната изборна комисија и поранешен пратеник.

На конкурсот се пријавени и адвокатите Сузана Јошевска – Атанастасовска и Кимо Чавдар. На листата може да се најде и колумнистот Даут Даути, поранешен член на Комисијата за лустрација, понатаму Магдалена Чижбаноска Вангелов од УЈП, има вработени во Државниот завод за ревизија, но и вработени во Антикорупциската комисија, како Билјана Каракашова Шулев.

Мандатот на актуелниот состав на Антикорупциската комисија е до 7 февруари 2024 година, кога ќе почне со работа новиот состав.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...