fbpx

Јанкулоска, Јанакиески и Мијалков си поднесоа оставки

-

Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, вечерва си поднела оставка на функцијата.

Ова за „Мета“ го потврдија неофицијално извори од МВР.

Оставката доаѓа по акцијата на безбедносните сили викендов во Куманово против, како што ја нарекоа од МВР, голема терористичка група, во која загинаа осуммина, а беа повредени повеќе од 30 полицајци.

Оставка од Јанкулоска се бараше на протестите пред Владата, но тоа го побараа и дипломатите во врска со материјалите од прислушуваните разговори.

Премиерот Никола Груевски вечерва до Собранието доставил предлог за избор на двајца нови членови на Владата, министри во министерствата за внатрешни работи и за транспорт и врски.

За нов министер за внатрешни работи се предлага Митко Чавков, а за министер за транспорт и врски – Владо Мисајловски.

Чавков е актуелен директор во Бирото за јавна безбедност, а Мисајловски е директор на Јавното претпријатие за државни патишта.

Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, седницата за избор на новите членови на Владата ја закажа за утре, во 13 часот.

Истовремено и директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, поднесе оставка од функцијата.

За одлуката Мијалков писмено го известил премиерот Никола Груевски.

„Позицијата што ми беше доверена ја извршував патриотски и одговорно, пред сè во интерес на земјата и на граѓаните, и секогаш смело и одлучно пристапував кон секоја задача.

Граѓаните најдобро знаат дека Македонија има бројни успеси во полето на кое дејствував. Дел од тие успеси беа и вистински мит во разговорите меѓу граѓаните“, се вели во оставката на Мијалков.

Тој вели дека оставката ја поднел во интерес на Македонија, гледајќи дека доколку го направи тоа, ќе помогне во надминување на политичката криза, која, според него, ја наметнала опозицијата со своето недржавничко однесување, а свесен дека вистината и аргументите се на страната на владејачката гарнитура и дека сето тоа со тек на време ќе станува уште појасно.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...