fbpx

Измама: Филипс не нуди фритези на топол воздух за 2 евра

Ваквите насочени реклами најчесто имаат за цел да ги измамат корисниците со тоа што ќе ги натераат да внесат лични информации, како и информации за кредитна или дебитна картичка за да се заврши процедурата.

-

Станува збор за лажна фан-страница којашто го (зло)употребува брендот Филипс, иако нема никаква врска со оваа компанија. Наводната понуда за фритеза од само 2 евра, односно „кујнска мултиварка“, како што се нарекува во објавата,  ја нема на официјалната веб-страница на Филипс, ниту на нивните профили на социјалните мрежи. Всушност, цената на вакви фритези се движи од 10.000 до 25.000 денари во зависност од спецификациите на моделот. Фан-страницата „Продажба на електроника“ од којашто се споделува понудата, нема голем број на следачи и интеракции, нема наведено адреса и нема вистинска комуникација со корисници, а единствена објава на страницата е овој вирален пост за „кујнска мултиварка“, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

На социјалната мрежа Фејсбук се шири лажна објава која нуди Филипс фритеза на топол воздух (air fryer) по неверојатна цена од две евра. Ова е измама, не наседнувајте на вакви објави!

Во врска со затворањето на магацините на ℙ𝕙𝕚𝕝𝕚𝕡𝕤, се одржува продажба на кујнски мултиварки по единствена цена од 2 €.

Побрзајте да купите додека робата е на залиха! Остануваат уште 75.

За да нарачате одете на веб-страницата, пишува во постот.

За да ги намами своите жртви, рекламата е придружена со фотошопирана фотографија на која е прикажан кујнскиот апарат кој наводно се нуди за невeројатно ниска цена, а до него на сликата е монтирана спецификацијата на производот и сума од 2 евра со големи црвени бројка и буква. Се нуди багателна цена за овој продукт, наводно поради затворање на магацините на Филипс, што не е точно. Она што прво паѓа в очи е тоа што во објавата кујнскиот апарат се нарекува „кујнска мултиварка“, што воопшто не е називот на овој апарат на македонски јазик. Кај нас овие апарати се нарекуваат или фритези на топол воздух или се користи англицизмот air fryer, а зборот мултиварка е руски.

Притоа, лажната објава за голем попуст  ги наведува корисниците на социјалните мрежи, за да може наводно да го добијат овој популарен кујнски апарат, да клинкат на копчето Order now (нарачајте сега) кое пренасочува на друга веб-страница. Таму од оние што кликнале, се бара да пополнат прашалник од три прашања со неколку понудени одговори. Прашањата се:

1) Дали порано сте користеле производи на Филипс?

2) Која храна ја јадете најчесто?

3) Дали ви се допаѓа да готвите дома?

Откако ќе ги одговорите прашањата на екранот се појавува известување во коешто се вели дека треба да одберете две од 12 кутии со подароци, коишто ги има на екранот на кои пишува Philips. Притоа треба да се напомене дека сите насоки кои се добиваат на оваа страна се со неправилен граматички македонски јазик полн со јазични грешки.

Откако кликнавме на еден од подароците, добивме известување дека тој е празен. По кликање на вториот подарок се појави air fryer со известување дека сме добитници на подарокот и со насока да се кликне на следната страна за да се остават податоци и да се уплатат две евра, по што пакетот наводно ќе биде испорачан за 5-7 дена.

Откако кликнавме и на оваа опција, интернет пребарувачот нè пренасочи на друга веб-страница којашто не можеше успешно да се подигне, најверојатно поради заштитата на компјутерот.

Ваквите насочени реклами најчесто имаат за цел да ги измамат корисниците со тоа што ќе ги натераат да внесат лични информации, како и информации за кредитна или дебитна картичка за да се заврши процедурата.

Горенаведениот пример го користи името на Филипс – брендот за различна бела техника за да ги убеди корисниците во неговата легитимност, но нема никаква формална врска помеѓу официјалната компанија и овие измамници. Оваа понуда за кујнски апарати не е објавена ниту на нивната официјална веб-страница, ниту на нивните профили на социјалните мрежи.

Всушност, цената на вакви фритези се движи од 10.000 денари до 25.000 денари во зависност од спецификациите на моделот.

Фан-страницата „Продажба на електроника“ од којашто се споделува понудата, нема никаква вистинска комуникација со корисници, нема голем број на следачи и интеракции, нема наведено адреса. Телефонскиот број којшто е наведен има повеќе бројки од потребното со што јасно е дека е непостоечки. Единствена објава на страницата е овој вирален пост за „кујнска мултиварка“ на Филипс.

Поради сите горенаведени факти, постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит.

Корисниците на социјалните мрежи треба секогаш да се посомневаат кога ќе видат објава или реклама чија понуда се чини дека е предобра за да биде вистинита. Треба да бидат многу внимателни со какви било веб-страници кои бараат лични податоци, особено податоци од банкарски сметки, бидејќи може да станат жртви и на финансиска измама.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Трајковски: Трговците да ги задржат цените на ниво на стандардот на граѓаните

Државните пазарни инспектори правеле контроли и вршеле надзори во сите големи синџири маркети во државата, а целта била да се види дали се почитуваат антикризните мерки за намалување на...