Фото: Љупчо Џамбазовски на Unsplash

Како дел од Програмата за развој на туризмот, Оштина Охрид изготви нова Стратегија за развој на туризмот за периодот од 2020 до 2025 година. Стратегијата е изработена од страна на стручни научни работници од Факултетот за туризам и угостителство од Охрид, согласно условите на Јавниот повик за изработка на овој стратешки документ, кој беше објавен во 2020 година.

Како што посочуваат од општината, новата Стратегија за развој на туризмот е изработена врз база на темелни анализи на постоечката состојба и ја дефинира долгорочната визија, стратешкиот правец, целите и приоритетните проекти за идниот развој на туризмот. Оттаму посочуваат дека документот бил во согласност со основните принципи на УНЕСКО за заштитени подрачја, со националното законодавство за управување со заштитени подрачја како и со други погранични и регионални стратегии и планови за управување со природни ресурси.

„Развојот на Охрид како најпривлечна туристичка дестинација се темели на долгата традиција, посветеноста на менаџментските структури во управувањето со општината, засегнатите страни вклучени во оваа дејност и условите кои подразбираат поврзаност на атрактивната и рецептивната развојна основа. Стратегиското планирање на туризмот во општината треба да ги валоризира и оптимално користи своите ресурси со оглед на богатството што го поседува, како во природната така и во културната сфера, што го определува како приоритетна категорија. Стратегијата треба да придонесе за подобрување на квалитетот на живеење, подигање на нивото на задоволство од престојот на посетителите, перманентно унапредување на квалитетот на услугите, освојување на нови вредности, подобрување на промотивните активности и ширење на доменот на насоченост на туристичката понуда,“ пишува меѓудругото во апстрактот на драфт-верзијата од новата Стратегијата за развој на туризмот.

Во текот на наредниот период траба да биде спроведена процедура за Оцена на влијанието врз животната средина на овој плански документ, по што ќе биде објавена целосната и финална верзија на Стратегијата.