fbpx

Интервјуа, рубрики, емисии и колумни – растечко присуство на Кина во македонските медиуми

Во областа на медиумите, Кина користи различни стратегии за да влијае врз наративите, како присуство на кинески државни медиуми, соработка со локални медиуми и придобивање на локални новинари. Иако слободата на медиумите не е загрозена, изразена е загриженоста за порастот на кинеската пропаганда која ги обликува перцепциите на јавноста во регионот“, се наведува во публикацијата „Кинеското влијание врз процесот на пристапување на Западен Балкан во ЕУ: синергии и пречки“

-

Телевизиски емисии, рубрики во весници посветени на Кина, колумни и интервјуа на кинескиот амбасадор во Северна Македонија, како и промоција и објава на медиумски содржини на водечките кинески медиуми кои се под директна контрола од Кинеската комунистичка партија. За разлика од намаленото влијание на Кина кај проевропското политичко раководство на земјава, податоците покажуваат дека изминатиов период расте влијанието на Кина во македонскиот медиумски сектор. Она што сака да го пренесе Амбасадата на Кина во Скопје, лесно стигнува до македонските медиуми.

„Во областа на медиумите, Кина користи различни стратегии за да влијае врз наративите, како присуство на кинески државни медиуми, соработка со локални медиуми и придобивање на локални новинари. Иако слободата на медиумите не е загрозена, изразена е загриженоста за порастот на кинеската пропаганда која ги обликува перцепциите на јавноста во регионот“, се наведува во публикацијата „Кинеското влијание врз процесот на пристапување на Западен Балкан во ЕУ: синергии и пречки“, изработена како заеднички проект на Фондацијата Конрад Аденауер и Центарот за европски студии Вилфрид Мартенс.

Авторите на оваа публикација – Ана Крстиновска, Бледар Фета, Александра Станковиќ, Сенада Шело Шабиќ, Александра Давитковска-Спасовска и Момчило Радуловиќ наведуваат дека кинеското присуство на Западен Балкан претставува предизвик за напорите на регионот да се придржува до вредностите и стандардите на ЕУ во оваа област. Притоа, во публикацијата се наведува дека медиумите спаѓаат во критичните сектори заедно со технологијата и телекомуникациите, каде што може да се забележи работење на кинески субјекти.

„Во Северна Македонија, најголем дел од промотивните содржини ги предлага Амбасадата на Кина преку нејзините врски со локалните медиуми, вклучително и Медиумската информативна агенција (МИА) и Националниот радио-дифузен сервис (МРТ). Исто така, редовно се објавуваат и колумни во истакнати медиуми, како „Нова Македонија“, и на маргиналнби интернет портали, кои ги истакнуваат позициите на Кина, а има и телевизиска емисија на Телма, национална телевизија, спонзорирана од Амбасадата на Кина, чија цел е промовирање на кинеската традиционална и модерна култура“, се наведува во публикацијата.

Исто така, авторите на оваа публикација наведуваат дека билатералните договори за соработка во сите земји во регионот отвораат можност за локалните новинари, уредници и медиумски професионалци да ја посетат Кина, да присуствуваат на различни програми за обука и да патуваат во региони како што се Синџианг или Тибет.

„Преку патувањата им се покажува страната на Кина што кинеската влада сака да ја видат, со цел да ги охрабрат да пишуваат и „разоткријат“ западните аргументи за овие чувствителни прашања“, се наведува во публикацијата „Кинеското влијание врз процесот на пристапување на Западен Балкан во ЕУ: синергии и пречки“.

Авторите на публикацијата наведуваат дека кинеското присуство во земјите од Западен Балкан има негативно влијание врз медиумите.

Оваа публикација објавена есенва доаѓа откако лани во декември беше објавено слично истражување, во кое меѓу другото, има исто така податоци за кинеското влијание во македонскиот медиумски сектор. Авторката Ана Крстиновска во истражувањето „Разбирање на алатките, наративите и влијанието на кинеската „мека моќ“ во Северна Македонија“ во декември 2022 година посочува на речиси идентични заклучоци во делот за медиумите како и во годинешната публикација.

Во минатогодишниот документ се наведува дека иако Северна Македонија не видела особени придобивки од економската соработка со Кина, сепак истражувањето за присуството и прикажувањето на Кина во медиумите покажало дека влијанието на Кина во Северна Македонија е доста силно, односно земјава е рангирана на третото место меѓу 17 земји во Централна и Источна Европа, зад Србија и Бугарија.

Во истражувањето се наведува дека Кина е претставена во земјава преку телевизиската емисија Нихао, која се емитува еднаш неделно на националната телевизија Телма. Шоуто е спонзорирано од кинеската амбасада во Скопје и си ја поставува целта „да ја претстави Кина онаква каква што е“, „да го покаже вистинското значење на Кина“ и „што таа му даде на светот во секој контекст“ – архитектура, филозофија, технологија, мода, медицина.

Авторката Ана Крстиновска наведува дека лани забележале текстови и написи од кинескиот амбасадор во избрани печатени и онлајн медиуми и портали, како што се Македонската информативна агенција, весниците Нова Македонија, Вечер и Премин и порталите Антропол и Опсервер.

Што велат македонските медиуми каде е забележано присуство на Кина?

Мета.мк се обиде да добие став од сите македонски медиуми, кои во публикацијата „Кинеското влијание врз процесот на пристапување на Западен Балкан во ЕУ: синергии и пречки“ се наведени дека објавуваат промотивни содржини за Кина кои ги предлага Кинеската амбасада во Скопје.

Барање за пристап до информации од јавен карактер испративме до државната агенција – Медиумска информативна агенција и до јавниот радиодифузен сервис Македонска-радио телевизија. Одговорот што го добивме од нивна страна е дека кинеско влијание во нивните медиуми нема.

Од Македонската-радио телевизија да ги искоментираат изнесените детали во публикацијата „Кинеското влијание врз процесот на пристапување на Западен Балкан во ЕУ: синергии и пречки“, тврдат дека ваквите детали не се точни.

„МРТ нема воспоставено никаков вид на соработка со Амбасадата на Кина во Скопје за објавување промотивни содржини што ги истакнуваат позициите на Кина“, се вели во одговорот што го доби Мета.мк од јавниот радиодифузен сервис.

Од Македонската радио-телевизија додаваат дека последниот Меморандум за соработка со Кинеската национална телевизија бил потпишан во 2003 година, но и дека не постои никаква соработка за размена на програмски содржини кои понатаму би се емитувале на програмските сервиси на МРТ.

Од државната новинска агенција МИА во одговорите велат дека не објавуваат пропагандистички текстови, а ова правило важи и за Амбасадата на Кина во Скопје. Бизнис комерцијални текстови објавувале во посебна категорија и рубрика, но не и политички платени текстови.

Од агенцијата објаснуваат дека имаат соработка со повеќе од 50 агенции ширум светот. Со државната новинска агенција на Кина – Ксинхуа е потпишан договор за размена на вести во 2005 година, но и покрај потпишаниот меморандум за размена, во последните 10 години тој не функционал од ниту една страна.

„Пракса е кај новинарите на ДЕСК да ги користат вестите главно на АФП, ДПА, Ројтерс, ББС, ЕНР и балканската мрежа на АБНА“, објаснуваат од Медиумската информативна агенција.

Од МИА додаваат дека во изминатите години имало реакции и несогласувања на кинеската амбасада со објавени текстови на МИА, чија содржина не им одговарала, но тоа не влијаело на уредувачката политика на оваа новинска агенција.

Од МИА велат дека немале никаква посебна, ниту пак платена соработка со Амбасадата на Кина во Скопје. Исто така, немаат потпишано документ или меморандум за соработка.

Сепак, од МИА додаваат дека имаат соработка со меѓународни институции и амбасади во земјава, вклучувајќи ја и Амбасадата на Кина во Скопје кога се одбележуваат активности – државен протокол на сите амбасади и меѓународни претставници во земјава.

„МИА објавува повремено ставови на амбасадори, амбасади и меѓународни институции, со јасно разграничување и оградување дека тоа е личен став на авторот. Во уредувачката политика на МИА се разграничува што е авторски пристап на редакциски став, а што пренесува на соопштенија, ставови на различни амбасади, избор од светскиот печат, а што маркетинг и промотивни содржини кои се врамени во оригинални текстови со дисклејмер на кој пишува дека тоа не е скриен маркетинг или авторски текст или уредувачка политика на медиумот и се категоризирани како оригинални текстови“, се наведува во одговорот од МИА.

Испративме прашања со барање за одговори и до весниците Нова Македонија и Вечер, како и до телевизијата Телма по електронска пошта во три наврати – на 7, 16 и 27 ноември 2023 година. Сепак, од трите приватни медиумски куќи не добивме одговори на прашањата за да ги искоментираат наводите од оваа публикација, но и да објаснат каква соработка имаат воспоставено со Амбасадата на Кина во Скопје или други кинески институции за објавување промотивни содржини за Кина и сето ова има влијание врз уредувачката политика на нивните медиуми.

Што покажува анализата на објавените медиумски содржини за Кина?

Од пребарувањето што го направи Мета.мк за објавените информации за Кина во медиумите коишто се наведени во публикацијата, може да се забележи дека првенствено преовладуваат медиумски содржини кои позитивно ја врамуваат Кина. Не можат да се сретнат текстови за тоа каква е состојбата со слободата на медиумите во Кина, колку се почитуваат човековите права во оваа земја, како и за тоа каква е позицијата на малцинствата во најбројната земја во светот.

Она што е забележително за 2023 година е дека зачестеноста на позитивните наративи што се појавуваат во македонските медиуми продолжува да расте. Па така, весникот „Нова Македонија“ оваа година започна со објавување на посебна рубрика „Кина во фокусот“ во надворешнополитичкиот прилог „Глобус“, кој го објавува секоја недела во весникот „Нова Македонија“.

Фото: Мета.мк

Заклучно со почетокот на декември, објавени се вкупно 31 издание од „Кина во фокусот“ во весникот „Нова Македонија“, при што доминираат исклучително позитивни теми кои ја врамуваат Кина како технолошки напредна земја, поместени се говори на кинескиот претседател Шји Џинпинг, како и текстови со позитивни наративи за кинеската иницијатива „Појас и пат“.

Воедно, онлајн-пребарување на интернет-изданието на весникот „Нова Македонија“ со таговите „Џанг Ѕуо“, „Амбасада на Кина“ и „кинеска амбасада“ извлекува десетина објавени текстови во текот на 2023 година, вклучувајќи колумни и говори на кинескиот амбасадор Џанг Ѕуо во земјава, различни активности на кинеската амбасада што ги спровела во Северна Македонија, но и се објавени коментари на портпаролот на Амбасадата на Кина во Скопје за важни надворешнополитички теми во кои е инволвирана и Кина.

Слично на „Нова Македонија“, онлајн-пребарувањето на архивата на весникот „Вечер“ со таговите „Џанг Ѕуо“, „Амбасада на Кина“ и „кинеска амбасада“ покажува дека десетици текстови се објавени и во овој весник во текот на 2023 година, кои се состојат од колумни на кинескиот амбасадор во С.Македонија Џанг Ѕуо, текстови на Мао Чингвен, вршител на должност ад интерим во Амбасадата на Народна Република Кина во Скопје, како и информирање за различни активности кои ги реализирала кинеската амбасада во земјава.

Во публикацијата „Кинеското влијание врз процесот на пристапување на Западен Балкан во ЕУ: синергии и пречки“ на Фондацијата Конрад Аденауер и Центарот за европски студии Вилфрид Мартенс се наведува и емисијата „Нихао“ на телевизија Телма, која се емитува еднаш неделно на националната телевизија Телма и е спонзорирана од кинеската амбасада во Скопје.

Покрај што се емитува на телевизијата Телма, за емисијата „Нихао“ е создаден и посебен канал на Јутјуб, на кој првенствено се објавени најавите за новите епизоди на емисијата што ќе се емитува на Телма. На 21 јуни 2023 година беше објавено дека започнало емитувањето на третата сезона на емисијата „Нихао“. Објавените содржини во емисијата се од најразновиден карактер, почнувајќи од прилози за македонско-кинеските односи, за запознавање на публиката со кинеската култура и уметност, но и се зборува за теми кои имаат пропаганден карактер.

Принтскрин од Јутјуб каналот на емисијата „Нихао“

Па така, на 23 август 2022 година на Јутјуб е објавена емисијата „Нихао“ посветена за Денот на комунистичката партија во Кина со видео обраќање на кинескиот амбасадор во С.Македонија Џанг Ѕуо. Како што е објавено на 4 јули 2022 година на нивниот Јутјуб канал, во емисијата „Нихао“ се обработува темата за кинеската компанија „Синохидро“ и за изградбата на градежни проекти на кои е ангажирана оваа компанија во земјава. Како потсетување, за случајот со изградбата на автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид и постапката за избор на кинеската компанија „Синохидро“ за изведувач на работите се водеше судска постапка, која што застаре на почетокот од ноември 2023 година поради усвоените измени во Кривичниот законик од Собранието на РСМ.

Инаку, Кина има многу развиена мрежа на традиционални медиуми кои емитуваат и нудат содржини на англиски и голем број локални јазици во светот. Меѓу најистакнатите се Ксинхуа – националната новинска агенција, која е еден од изворите на информации што ги користи и македонската државна новинска агенција МИА, весникот China Daily, телевизиската мрежа China Global Television Network (CGTN), радиото China Radio International (CRI) и англиската верзија на главниот весник на Кинеската комунистичка партија, People’s Daily – Global Times.

Она што е забележително во последно време во Северна Македонија е присуството на социјалните мрежи на China Global Television Network. Инстаграм профилот CGTN на македонски јазик, заклучно со декември 2023, има објавено само десетина постови, имаат еден следбеник и не следат никого. Овој профил досега не е разработен на Инстаграм, но затоа пак на Фејсбук, токму страницата CGTN на македонски јазик во текот на изминативе месеци имаше спонзорирана промоција.

Принтскрин од Фејсбук

На Фејсбук, CGTN на македонски јазик, заклучно со 20 декември 2023 година, има над 16.000 следбеници. Во текот на секоја недела, оваа Фејсбук страница објавува постови на македонски јазик со фотографии и видеа, од кои дел се преводи на текстови од сајтот на CGTN, но и од други кинески државни медиуми.

Меѓу содржините објавени на оваа страница на Фејсбук, на пример на 21 октомври 2021 година се објавува пост за новиот Пат на свилата. Исто така и во претходниот изминат период, помеѓу серијалот од постови за промоција на кинеската култура и уметност и за важни надворешнополитички случувања, се објавуваа информации на македонски јазик поврзани со кинеската иницијатива за Патот на свилата. Фејсбук страницата на CGTN Македонски е креирана на 26 октомври 2022 година. Тројца администратори оваа страница на Фејсбук има од Кина, додека не е позната локацијата на другите двајца администратори. Во јули 2023 година, Фејсбук страницата на CGTN започнува со серија од реклами за промоција на самата страница.

Инаку, за одбележување е дека во Индексот за слобода на медиуми на Репортери без граници за 2023 година, Кина е рангирана дури на 179-то место од вкупно 180 земји, при што Репортери без граници наведува дека Народна Република Кина е најголемиот затвор за новинари во светот, како и дека комунистичкиот режим спроведува кампања за репресија против новинарите и правото на информирање на јавноста. Само од 1 јануари 2023 година, Репортери без граници регистрираат дека е убиен 1 новинар во Кина, додека 106 новинари и тројца медиумски работници се притворени во кинеските затвори заклучно со 20 декември 2023 година.

hubmk

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...