(ИНТЕРВЈУ) Ана-Марија Глигорова раскажува што значи да се биде жена гејмер

Јас имам пред сè борбен карактер. Тоа значи дека без разлика дали станува за боречки вештини, видео игри или предизвици во животот, сето тоа го прифаќам на начин кој води кон подобрување на сопствената личност и подобрување на начинот на справување со секојдневните ситуации, вели Глигорова во интервју за Мета.мк

Ана-Марија Глигорова на Сакура Фестивалот за Јапонска Култура фотографијата се користи со дозвола.

За тоа што значи да се биде жена гејмер во денешно време разговараме со Ана-Марија Глигорова, чиј интернет гејминг надимак е Purple Empress. Со неа зборувавме за предивиците и ситуациите со кои се соочуваат жените и девојките гејмерки, како и за други интересни инспиративни теми.

Глигорова покрај пасијата за видео игри, има завршено Машински факултет и има црн појас во карате. Таа на Сакура фестивалот за јапонска култура беше организатор на Текен 8 турнирот. 

Ана Марија Глигорова / Фотографија преземена со дозвола од гејминг Текен турнир

Гејмингот го сфаќате како сериозно целоживотно хоби, како започна таа приказна и од кога?

Глигорова: Мојата приказна започнува уште во далечната 96-та, во време кога моите родители имаa сопствена играчница, cелосно опремена за тоа време со Arcades, PlayStation 1, флипери и билијард. Се вели дека обично не се сеќаваме на тој период од животот до 5 години, но јас сè уште се сеќавам, како да беше вчера кога на Arcade ја играв познатата игра, која помеѓу нас народски е наречена и позната како „Мустафа“ (т.е. „Cadillacs and Dinosaurs“).

Така всушност и започна мојата љубов и страст кон видео игрите. Голема улога овде играат секако и моите родители, кои ја поддржаа таа моја љубов и ја поддржуваат до денес, што е особено значајно. 

Имате црн појас во карате. Дали бавењето со боречки вештини ви помогна во „виртуелните борби” во видео игрите за повеќе фокус, упорност и концентрација додека играте видео игри?      

Глигорова: Прво сакам да разграничам една работа, јас имам пред сè борбен карактер. Тоа значи дека без разлика дали станува за боречки вештини, видео игри или предизвици во животот, сето тоа го прифаќам на начин кој води кон подобрување на сопствената личност и подобрување на начинот на справување со секојдневните ситуации. Е сега, во однос на прашањето, да, боречките вештини играат голема улога во мојата упорност и истрајност во овој случај за видео игрите. Како практикант на боречки вештини, навистина е битна концентрацијата и присутноста во сегашниот момент. Тоа води до освестување на самиот момент, што е од големо значење, особено во жанрот на „Souls games и souls like games“, бидејќи во тој свет никогаш не можеш доволно да бидеш подготвен за она што следува. Што се однесува до тепачките видео игри, боречките вештини ми помагаат во тоа да ги предвидам ударите кои следуваат од противникот, за да можам да зададам соодветен повратен удар. 

 Карате Удар фотографијата се користи со дозвола
Ана Марија Глигорова / Фотографија преземена со дозвола

Како личност што претпоставувам знае како изгледа вистинско насилство, затоа што веројатно сте виделе во живо борби во карате, можете ли да ја доловите разликата со т.н. „насилни видео игри” и да им објасните на луѓето неупатани во гејмигот, дека гејмерите всушност единствено нешто што „убиваат” се „пиксели на екран”?

Глигорова: Во однос на ова прашање сакам веднаш да назначам една работа – боречките вештини служат за самоодбрана, дисциплина, поврзаност на умот, духот и телото и доведување на телото во состојба на отпорност на удари. Боречките вештини низ гледиштето на оние кои не се практиканти можеби изгледа како насилство, но нивната цел е да те направат способен да бидеш во состојба да се одбраниш од животозаканувачка ситуација, а исто така да можеш да одбраниш, ако не и да спасиш некој кој би се наоѓал во таква состојба во тое присутство. Сите сме свесни дека реалноста и она што е прикажано на екран се сосема две различни работи. Секако дека она што е прикажано на екран е исфилувано и со нереалистични елементи, покрај базичните елементи за секој стил, чија применливост во пракса е дискутабилна. За оваа тематика постојат дури и видеа во кои мајстори на боречки вештини ги објаснуваат дури и се обидуваат да ги применат во пракса токму тие нереалистични елементи. Резултатот од видеата го оставам да го погледнете сами, па затоа само ќе додадам: во светот на пиксел верзијата од тебе, сè е можно, и запомни, тоа е сепак само пиксел.

Каков тип на игри ви се омилени и кои игри би ги издвоиле како топ 3 најдобри?

Глигорова: Мене ми се претежно омилени игри со содржина која се совпаѓа со моите гледишта и моите визии. Доколку не исполнува некои одредени критериуми тогаш ќе ѝ дадам шанса, затоа што во даден момент ми се допаднало нешто, па сакам да видам што може да ми понуди повеќе. Е сега, кога веќе тоа го разјаснивме, ќе преминам на одговорот. Омилен тип на игри ми се тепачки игри, авантуристички игри и секако, souls games. Во топ 3 најдобри игри лично би ги издвоила Sekiro Shadows die twice, Tekken и Nioh.

Дали мислите дека има доволно начини на интернет за заштита од насилство на девојките гејмерки, но и општо, на женската популација, бидејќи и вербалното насилство се смета за насилство. 

Глигорова: Во однос на ова можам да кажам дека и покрај очигледноста на мојот надимак, онлајн играчите сметаат дека сум припадник на машкиот пол. Сметам дека со ова целосно се даде одговор на прашањето и нема потреба од понатамошно елаборирање, хахах.

Се случило неколкупати да се појават такви ликови, дали на стрим или на социјални мрежи, но нивната природа била таква што по првото блокирање и пријавување не се појавиле потоа. Секако, човек треба да биде претпазлив. Мојот начин на справување и она што би и им го препорачала на припадничките на женскиот пол во оваа област, е да не обрнуваат внимание на коментарите, со тоа што нема да вратат на коментарот со коментар, или воопшто да не покажуваат фацијална експресија доколку стримаат со камера, затоа што така насилниците добиваат на важност. Пријави, блокирај и секој нареден профил кој ти изгледа сомнително и те асоцира на истата личност, веднаш блокирај го. 

Дали вашето формално образование на Машинскиот факултет ви помогнало за решавање логички видео игри побрзо и дали мислите дека коефициентот на интелигенција е нешто што може да се зголеми со вежбање и соодветни активности? Дали видео игрите можат да бидат една од тие активности ? 

Глигорова: Oва е навистина интересно прашање, кое поттикнува голема дебата и тема на размислување. Во секој случај, во однос на оваа тема како и за секоја друга, има поделени мислења. Моето лично мислење е дека сè е поврзано едно со друго. Тоа значи дека, колку и да ни е на моменти чудно, се доаѓало до ситуации каде што одредени информации, во овој случај од факултетското образование, ми помогнале во тоа да извршам полесно некое одредено барање, т.е. мисија, од дадена видео игра. Тоа може да се каже со следниот пример, кога во видео игра е потребно да се состави некоја машина, а затоа е потребно да се соберат прво машинските делови. Со само тоа што си наведен во студиите, подоцна и со работа, во самата материја, стигнуваш до степен каде природно ти доаѓа како да го извршиш тоа. И секако, за ова е потребна логика, но најмногу од сè е потребна праксата и научното гледиште, кое те одржува во тој константен апетит, да продолжиш да се надоградуваш себе си.

Секако, интелигенцијата е исто битен фактор, бидејќи таа е поврзана со логиката и умешноста да се согледуваат нештата од повеќе перспективи, што за еден инжинер е навистина круцијално. Ова ме наведува до тоа да кажам на крај, дека видео игрите можат да помогнат во надоградување на одредени вештини, но секако најголем дел има посветеноста на самата личност.

Ана Марија Глигорова Козплеј Tomb Raider фотографијата се користи со дозвола
Фотографија преземена со дозвола

Имате маркантен козплеј на не толку популарна верзија на Лара Крофт со црниот костим и слушалката со микрофонче. Кој го играл токму тој дел од играта знае дека тој костим на ликот е инспирација за костимот на “Тринити” во филмот „Матрикс”. Обично девојките кај нас се облекуваат на маскембали во класичната верзија на Лара Крофт. Кои се други хероини од видео игрите што ги сакате најмногу? 

Глигорова: Добра забелешка од ваша страна, да, вистина е така. Костимот беше намерно избран со цел да прикажам една поинаква перспектива на Лара Крофт. Многумина ги играат игрите, го сакаат карактерот и тука запира приказната, но, за мене тоа не е така. Лара Крофт е моја инспирација и мој идол, бидејќи сум гејмер кој израснал со неа. Секој дел од франшизата има оргинални елементи, локации и ликови, но она што јас како личност можев да го забележам, е дека нејзиниот костим, кој вие го поистоветувате со Тринити, а кој се нарекува Cat suit, го има меѓу првите делови и се смета за „legacy“ костим.

Земајќи го предвид она што го спомнав погоре, само кратко ќе додадам дека очигледно е дека ми е омилена хероина, а во однос на тоа кои други би ги ставила во оваа листа омилени, би ја вклучила и Нина Вилијамс од Теккен, која во 2005 се издвои со сопствена игра наречена Death by Degrees. 

Цртеж слика со ликот Нина од Текен и од Ана Марија Глигорова во козплеј на Tomb Raider уметничкиот цртеж се користи со дозвола
Цртеж слика со ликот Нина од Текен и од Ана Марија Глигорова во козплеј на Tomb Raider / уметничкиот цртеж се користи со дозвола

Знаеме дека сте љубител и на јапонската култура и несомнено сакате и аниме и манга. Би можеле ли да споделите по едно постаро и најново аниме и манга што ви се допаѓаат?

Глигорова: Од постарите аниме најмногу ми се допаѓа Princess Mononoke, а од поновите аниме ми се допаѓа Jujutsu Kaisen, како и Death Note, иако ова второво и не е толку ново, но, според мене, вреди да се спомне. 

Која беше вашата улога и функција во Сакура фестивалот за јапонска култура?

Глигорова: На фестивалот имав улогата на организатор на турнирот во Текен 8, заедно со еден добар пријател и исто така љубител на оваа видео игра, а тоа е Филип Ѓеорѓиев.

Дали како член во организирањето на Текен 8 турнирот ја стекнавте оваа улога со долгогодишно играње Текен? Кои ви се најиграни ликови што најдобро ги знаете и дали сте учествувале на натпревари во Текен?

Глигорова: За мојата организаторска улога сакам прво да им се заблагодарам на Билјана и на Јан, главните организатори на Сакура фестивалот, кои го овозможија тоа. Сè започна откако тие во 2023 година ме контактираа околу тоа да преземам таква улога. Секако, овде битен фактор е моето долгогодишно искуство во оваа област, кое дополнително придонесе за оваа реализација, но пред сè, ќе ги издадам Билјана и Јан, тие сакаа женскo да ги земе конците во свои раце.

Ана Марија Глигорова / Фотографија од Нихон Џи фестивалот за јапонска култура преземена со дозвола

Јас сум, како што би се кажало во Текен заедницата, Нина играч, или Nina main, но исто така играм и со други ликови, од забава, додека со излегувањето на Теккен 8 како цел зацртав да научам да играм и со Хвоаранг, така што сум нов Хворанг играч во фаза на изградба. Долг и малку мачен ќе биде можеби патот додека убаво да го совладам, но сметам дека со оглед на моменталниот ранк, односно син ранк, кој е чекор пред боговските ранкови, сето тоа ќе се одвива побрзо.

Сум учествувала во доста Теккен турнири, без разлика дали биле онлајн или во живо, и навистина сум благодарна за тоа, бидејќи на тој начин се добива искуство кое можеби во самиот момент не е видливо, но во понатамошните борби доаѓа јасно до израз.

Кои ви се омилени серии или филмови кои ги препорачувате за гледање во „стил на викенд маратони”? 

Глигорова: Денешнава младина (вклучувајќи ме и мене :)), обожаваат да гледаат азиски серии, така што од анимирани би ја издвоила No Doubt in Us, а од ТВ серии Bloodhounds и Tale of the Nine Tailed. 

Која реченица, афоризам или поговорка би ја употребиле како свое животно мото? 

Глигорова: Запомни зошто си почнал и играј го орото до крај. Држи се до целта.