Потребна е поголема информираност за заштита и превенција од семејно, родово базирано и интимно партнерско насилство, како и достапност и видливост на информациите, се вели во последната анализа на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство за периодот од 14 април до 15 мај 2020 година. Оттаму посочуваат дека иако дел од државните институции се ангажирале и преземале мерки, сепак постојат недостатоци во реализација на целокупниот процес.
Тие бараат од министрите да дадат свои видео изјави во кои ќе ги охрабрат жртвите да пријават насилство, а воедно јасно и транспарентно да известат за актуелната состојба, како за статистиката, така и за капацитетите на Центрите за згрижување на жени и деца жртви на семејно и родово базирано насилство.
Од Националната мрежа бараат Министерството за внатрешни работи да објави детална статистика за поднесените барања за изрекување привремени мерки за заштита од семејно насилство и бројот на изречени привремени мерки, а како што велат од големо значење е институциите да развијат нови и иновативни начини за пријавување на семејно и интимно партнерско насилство кои ќе можат да се користат и по завршувањето на вонредната состојба.
„Министерството за труд и социјална политика да изработи информативно видео преведено на сите јазици на заедниците кое ќе се емитува на сите национални телевизии во ударни термини, минимум два пати дневно. Да се оствари соработка и да се препорача на сите национални и локални медиуми кои имаат веб-страници да објават банери со информации за пријавување семејно насилство, а редовното информирање да остане како пракса и по завршување на вонредната состојба“, порачуваат од мрежата.
Од Националната мрежа велат дека засега, освен Министерството за внатрешни работи кое ја соопшти информацијата дека лицата кои сакаат да пријават кривично дело или на кои им е потребна помош поради извршено насилство нема да бидат санкционирани, оваа информација во горенаведениот период била споделена само од МТСП.
„Информацијата треба да стои како банер на веб страниците на МВР, МТСП, МЗ, МОН и Влада на РСМ, сите општини, а министерот за внатрешни работи да се обрати до граѓаните/граѓанките и да ја сподели оваа информација, како и да охрабри пријавување“, стои во анализата на Националната мрежа.
Тие, исто така, посочуваат дека освен Министерството за труд и социјална политика, ниту едно друго министерство не споделува информации за семејно насилство.
„Дури ни на ФБ профилите на ресорните министри, освен на д.з. министерка Шкријељ и вицепремиерката Царовска не постојат информации за пријава и заштита на жртви на семејно насилство“, потенцираат од Мрежата.
Хелсиншкиот комитет за човекови права предупреди дека во периоди на криза од овој вид, може да дојде до зголемување на степенот на семејно насилство, што не мора да значи зголемување на бројот на случаи, туку дека постои сериозна опасност постоечкото насилство да се интензивира.
„Освен мерката за непречено пријавување и за време на полицискиот час, државата не направи никакви напори во изнаоѓање на креативни решенија за превенција од насилство, ниту за олеснување на пријавувањето“, стои во месечниот извештај на Хелсиншкиот комитет.
„Мета.мк“ во неколку наврати пишуваше за предизвиците и последиците со кои ќе се соочат жртвите на семејно насилство за време на карантинот. Последните податоци покажаа дека бројот на пријави во МВР за првите три месеци е зголемен за 17 отсто во однос на минатата година.