Иницијатива за креирање урбани компостари во Скопје како начин за справување со отпадот

Зелен Хуман Град

Креаторите на платформата „МојоГрад“ започнаа иницијатива за изградба на урбани компостари во Скопје како предлог како градските власти подобро да се справат со отпадот.

Оттаму посочуваат дека иницијативата веќе има поддршка од над 400 корисници на платформата и се очекува да влезе во институционални процедури.

„Компостара (место каде граѓаните и фирмите ќе го одлагаат градинарскиот и отпадот од храна, од кој ќе се креира компост), за секоја општина во пракса би значело намалување на комуналниот отпад за 60 проценти, намалување на трошокот за транспорт и депонирање на отпад за половина и елиминирање на можноста за самозапалување на депониите“, појаснуваат од „Зелен Хуман Град“.

Овој предлог доаѓа од Наталија Бургиева, чие здружение за производство на органски ѓубрива МамаОргана е дел од граѓанската коалиција „Зелен Хуман Град“.

Според оваа Иницијатива, една третина од целокупно произведената храна завршува во отпад.

„Ако на тоа се додаде и огромната количина на градинарски отпад кој се креира од парковите и дворовите, станува јасно како био-отпадот претставува над 70 отсто од вкупно произведениот“, се вели во соопштението до медиумите.

Затоа предлагаат да се креира градска компостара во секоја општина, каде населението и чинителите од бизнис заедницата би го одлагале градинарскиот и отпадот од храна, а од него наместо да загадува, ќе се креира компост.