fbpx

„Имаше крвав поглед како во хорор филм“: По три пријави за семејно насилство дневно

Во последните 4 години над 90 отсто од насилниците се мажи а жртвите најчесто се жени, поточно сопруги или мајки. Во овој период се убиени 22 лица во случаи на семејно насилство. Сторителите ретко завршуваат во затвор

-

Среда, 16.03.2022 година, 8 часот наутро. Невенчаниот сопруг, по претходна расправија, ја удира сопругата со бокс во левото око, а попладнето околу 16 часот насилно ја зема и ја носи на планина. На вратот ѝ става конец за да ја обеси, ја соблекува гола, а потоа се премислува – ја враќа назад дома и ѝ уринира во устата.

Насилството тука не запира. Околу 20 часот, тој почнува да ја тепа со боксови по лицето и да ја малтретира. Жената успева да избега од куќата и на улица гледа непознато лице, му го зема телефонот и се јавува кај нејзиниот татко. Кога се враќа назад во домот, сопругот повторно почнува да ја тепа, а во еден момент зема и шрафцигер со која сака да ја боде во вратот. Хоророт престанува кога во куќата влегува негов пријател и му се обраќа „бегај, полицијата е на врата“.

Насилникот бега, а жената излегува надвор од куќата и ја гледа полицијата, која ја носи кај нејзиниот татко, а потоа заедно со него оди во болница каде ѝ е пружена лекарска помош.

Е.М сега престојува кај нејзиниот татко. Мајка е на четири деца, а нејзиниот невенчан сопруг е недостапен за полицијата. Судењето се одвива во негово отсуство. Насилникот, И.Н., е осуден на казна затвор од две години, која не ја издржува бидејќи органите на прогонот не можат да го најдат.

Ова е само од една од пресудите за дела поврзани со семејно насилство кои ги анализираше Мета.мк. Ги има стотици и стотици, а зад секоја бројка на предмет стои нечија судбина, нечиј живот сериозно доведен во опасност. Ова патем го покажува и полицискиот билтен каде што секојдневно можат да се најдат по два до три случаи на семејно насилство. Бројката на поднесени пријави расте, но отворено е прашањето дали е тоа случај и со превенцијата и соодветното санкционирање на семејните насилници?

Најчести се условните казни 

Случајот со затворската казна на И.Н. не е правило. Почести се условните казни што ги добиваат сторителите на кривичните дела поврзани со семејно насилство. Затворските казни, покажа истражувањето на Мета.мк, најчесто ги добиваат сторители на насилство кои се во бегство, додека повеќе од половина од пресудите кои ги добивме од Основниот кривичен суд во Скопје, користејќи го Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, се условни казни или пак условни казни под надзор.

Во останатите или обвинението се одбива, или тужителот се откажува од гонење, или пак осудениот се упатува на психијатриско лекување.

Судијката од Основниот кривичен суд Скопје, Оља Ристова, во својот богат судиски стаж, пресудувала по голем број предмети поврзани со семејно насилство, а во разговор со Мета.мк образложува на што се должат поголемиот број условни казни.

„Точно е дека преовладуваат условните осуди и тоа е резултат на фактот дека најчесто овие обвинети лица прв пат доаѓаат во судир со законот, во голем број случаи ја признаваат вината, исто така жртвата е спремна да им прости и не бара надомест на штета. Сите овие околности се доволни за судот да изрече условна осуда“, вели Ристова за Мета.мк.

Новина во последните неколку години, додава таа, е изрекувањето на условна осуда со мерки на заштитен надзор.

„Јас како судија уште од 2020 година, со условната осуда изрекувам и мерки на заштитен надзор. Мерка која задолжително ја изрекувам покрај условната осуда е осуденото лице да посетува програма за работа со осуденици за кривични дела сторени при вршење на семејно насилство. Други мерки кои можат да се изречат се однесуваат на зависници од дрога или алкохол и во тој случај наложувам осуденото лице да се подложи на лекување или социјална рехабилитација во соодветна специјализирана установа“, појаснува Ристова.

Шест месеци затвор за маж кој на сред улица по цело тело ја удирал поранешната сопруга 

Пред повеќе од една година, на 13 април 2023 г., маж од Кочани ја нападнал неговата поранешна сопруга А.Л. и за тоа од Основниот суд во Кочани добил затвор во траење од шест месеци, иако и претходно бил осудуван за насилство.

Лани, додека жената пеш одела кон дома во Кочани, ја престигнало такси возило, од десната страна излегол нејзиниот поранешен сопруг Б.Л. и веднаш започнал да ја удира со тупаници по главата, од што таа паднала на асфалтот, а тој продолжил со нозе да ја удира по целото тело.

Од ударите, како што стои во пресудата, таа се здобила со „телесни повреди во вид на нагмечување на левиот дел на граден кош, површинска повреда на лев рамен зглоб, оток и крвен подлив на лев рамен зглоб, крвни подливи на горните и долните капаци на двете очи и нагмечување на лицето и главата“.

Поранешниот сопруг на А.Л. пред судот го признал делото, а како олеснителни околности биле земени предвид „неговата семејна состојба, изразеното жалење и каење поради извршеното кривично дело, тоа што јавно ѝ се извинил на оштетената, коректното однесување во текот на постапката и ветување дека во иднина нема да прави вакви и слични кривични дела“.

Отежнителни околности биле тоа што тој бил „специјален повратник“ бидејќи и претходно имал сторено кривично дело спрема жената, но и друго кривично дело поврзано со насилничко однесување, тоа што обвинетиот кривичното дело го сторил на јавно место и ѝ нанел голем број повреди во пределот на главата и телото.

Ристова: Искусен судија лесно препознава дали сторителот искрено признава вина или сака да добие поблага казна

Судијката Оља Ристова за Мета.мк образложува кои се олеснителните, а кои отежнителните околности при носењето на пресудите за овие случаи од нејзино искуство.

„За мене од особена важност е однесувањето на сторителот по извршување на делото, како и неговото однесување во текот на судската постапка. Доколку сторителот го признае делото пред судот, изрази искрено каење и ѝ се извини на жртвата, тоа секако претставува олеснителна околност. Судија со 15 години стаж многу лесно може да процени дали обвинетиот ја признава вината само за да добие поблага казна или навистина се кае и веројатно нема да го повтори делото во иднина. Понатаму, олеснителна околност е обвинетиот да не е осудуван, односно да нема поранешно криминогено однесување. Во прилог на олеснителни околности кои судот ги зема предвид се возраста, образованието и околноста дали обвинетиот е во работен однос“, вели Ристова.

Оља Ристова, судијка / Фото: Лична архива

Како отежнителна околност кај овие кривични дела, според неа, е пред сè начинот на извршување на кривичното дело.

„Кривичното дело телесна повреда може да се изврши со два-три шамари, но ова кривично дело може да се изврши и со давење, удари со боксови и колци, туркање по скали, штипење. Секогаш потешкиот начин на извршување и последиците кои настанале кај жртвата, како физички така и психички влијаат на висината на казната. Отежнителна околност е однесувањето на обвинетиот во судницата, често се случува да се однесува со жртвата омаловажувачки, да ја провоцира, да ја префрла вината врз неа. Овие обвинети најчесто не признаваат што сториле, сметаат дека се во право, не изразуваат каење“, вели Ристова и додава дека има ситуации кога ескалираат односите во судницата и потребно е да интервенира судска полиција.

Најчести жртви се сопруги или мајки

Податоците што ги доби Мета.мк од Министерството за внатрешни работи покажуваат неколку загрижувачки тенденции – бројката на кривични дела поврзани со семејно насилство е во пораст.

Од јануари 2020 до март годинава имало вкупно 4.484 пријави за семејно насилство, а сторителите во 91 проценти од случаите биле мажи. Жртви на семејно насилство биле 79 проценти жени и 21 процент мажи.

Вкупно 22 убиства се случиле во последниве четири години како резултат на семејно насилство, 12 убиства во обид, а најчести жртви, според податоците што ги обезбедивме, се сопруги или мајки. Најмногу убиства како последица на семејно насилство имало во 2022 година – дури седум, додека лани имало пет.

Во најголем број случаи насилството било со употреба на физичка сила и закани, но и со употреба на ладно оружје. Сторителите на семејно насилство, според евиденцијата на МВР, биле под растројство, но чести се и случаите кога биле под дејство на алкохол или дрога.

Само за 3 месеци, од јануари до март годинава, полицијата поднела 237 пријави поврзани со семејно насилство, што значи дека имало речиси по три пријави дневно. Од сторителите, 215 биле мажи, а 25 жени. Жртви на семејно насилство во првите три месеци годинава била 97 сопруги и 31 мајки, чии деца го извршиле насилството врз нив. Сопрузи биле жртви на семејно насилство во 7 случаи, додека татковци во 19.

Делата поврзани со семејно насилство за кои се теретат сторителите се убиство, обид за убиство, телесна повреда, загрозување на сигурноста, присилба…

„Со оглед дека во последните неколку години е зголемен бројот на предмети со семејно насилство, сметам дека пред сè тоа се должи на зголемената свест на жртвите да го пријават семејното насилство, но исто така е резултат на зголемената активност на органите на прогонот да ги гонат сторителите на овие кривични дела. Зголемениот број на предмети, големиот број на правосилни пресуди во одредена мера влијае на генералната превенција на сторителите на овие кривични дела. Од друга страна, зачестеноста на овој вид на кривични дела покажува дека е потребно повеќе да се работи на превенцијата преку други мерки и активности на државните институции и на граѓанскиот сектор. Тоа се постигнува со зачестени едукации на оваа тема на поголем број граѓани“, вели Ристова.

Кога плоштадот Скендербег се облеа во крв

Една од највисоките казни за нанесување тешка телесна повреда ја пресудува токму судијката Ристова – четири години затвор, за маж кој на плоштадот „Скендербег“ крвнички претепува жена.

Пред речиси четири години, во 2020 година во Скопје, А.Х тргнува да оди на работа, поминувајќи покрај плоштадот „Скендербег“ во Скопје, во чија близина и живее. За само неколку секунди, ја пресретнува А.С. и почнува да ја удира со тупаници и клоци по главата, телото, лицето. Главата ѝ ја удира од бетонот, а со чевлите ја удира и ја гази по лицето.

Жената, уште кога го видела, на еден од вработените во блиското кафуле му кажала да викне полиција, но, како што стои во пресудата, тоа не изговорила гласно, туку само му рекла „полиција“, бидејќи знаела што ќе се случи, а заканите од А.С. ги имала документирано уште една година пред да се случи настанот.

Насилството се случувало на отворено, пред многу сведоци. Кога стигнал полицаец кој бил на должност и кој бил сосед на жртвата, од повредите не можел да ја препознае.

Додека се обидувале да го оттргнат,  А.С им викал „оставете ме да ја убијам“. Како што пишува во пресудата, жртвата била речиси непрепознатлива, а нејзина крв имало насекаде низ плоштадот Скендербег.

Во исто време, нејзиниот десетгодишен син излегол да го прошета кучето, кога ја забележал заштитната маска на мајка му на земја (со оглед на тоа што во тој период траеше ковид пандемијата), видел крв и полиција и се јавил кај колешките на својата мајка за да дознае дали таа стигнала на работа.

Но, неговата мајка во тоа време била во болница поради потрес на мозокот, нагмечување на поглавината и телото, скршеница на левиот страничен продолжеток од 3-то и 4-то пршленско тело на слабинскиот дел на рбетот и нагмечно – расцепна рана на лицето. Четири дена младата жена била во болница поради здобиените повреди, а следувало и понатамошно лечење.

Еден од сведоците на настанот, како што е образложено во пресудата, глетката ја опишува „како на хорор филм“.

„Во тој момент се јавил и во Брза помош, од таму му кажале дека ќе пристигнат за пет до десет минути. Во тој момент одлучил да се спротивстави на обвинетиот и отишле заедно со пријателот да го тргнат обвинетиот од оштетената. Обвинетиот се свртел накај нив, ги погледнал, добро го памти тој поглед, многу му биле крвави очите и во тој момент сфатил дека ако преземе нешто и тој би бил оштетен. Во тој момент почнал да се враќа наназад, се повлекол, се вратил во кафе барот и се молел што побрзо да дојде полиција“, пишува во судската пресуда.

Ова не било првпат А.С. да изврши насилство. Во речиси истиот период, нему му се суди и за обид за убиство на неговиот син, за што добива казна затвор од 5 години. За крвничкото претепување на А.Х., му се определува затворска казна од четири години, што претставува една од највисоките пресудени казни за кривично дело тешка телесна повреда при семејно насилство.

Со ова, А.С. треба да одлежи затворска казна од 9 години, но сега неговите адвокати бараат вонредно преиспитување на пресудата пред Врховниот суд.

„Во конкретниот случај се работи за родово базирано насилство од страна на обвинетиот против оштетената поради нејзината припадност на женскиот род. Македонското општество е патријархално, со традиционално воспоставената родова матрица на машки и женски улоги. Доминантната улога на мажот и инфериорната положба на жената, како и перцепцијата на општеството дека моќта на мажите е легитимно право, ја определува и положбата на жената во општеството. Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жената и семејното насилство, позната како Истанбулска конвенција, претставува најзначајниот меѓународен документ за борбата против насилство врз жените и семејното насилство. Документот е ратификуван од Собранието на Република Северна Македонија на 22 декември 2017 г.“, пишува во образложението на пресудата на Ристова.

На нашето прашање како успева како жена судијка емоционално да се дистанцира од ваквите случаи во текот на процесот, таа одговара:

Како жена судијка го осудувам секој вид на насилство врз жените, но професионалните и етичките стандарди налагаат во судницата да се однесувам непристрасно, да ја почитувам еднаквоста на странките, да дозволам секоја страна да ја каже својата теорија на случај и на крајот врз основа на расположливите докази да донесам непристрасна одлука, вели Ристова.

Што се подразбира под семејно насилство?

Со Законот за семејство се забранува секаков вид на насилство меѓу членовите на семејството, без оглед на пол и возраст.

Под семејно насилство се подразбира малтретирање, навредување, загрозување на сигурноста, телесно повредување, полово или друго психолошко или физичко насилство со кое се предизвикува чувство на несигурност, загрозување или страв спрема брачниот другар, родителите или децата или други лица кои живеат во брачна или вонбрачна заедница или заедничко домаќинство; поранешен брачен другар или лица кои имаат заедничко дете или се наоѓаат во блиски лични односи, вклучувајќи ги односите кои настануваат со посвојувањето и старателството; браќа и сестри, полубраќа и полусестри; постарите членови во семејството или заедничкото домаќинство; лица – членови на семејството или заедничкото домаќинство чија деловна способност е делумно или целосно одземена.

Под блиски лични односи во смисла на законот се подразбираат лични односи помеѓу лица кои се или биле во партнерски односи, а не живеат во вонбрачна заедница.

Во Кривичниот законик семејното насилство е дефинирано како: малтретирање, грубо навредување, загрозување на сигурноста, телесно повредување, полово или друго психичко или физичко насилство со кое се предизвикува чувcтсвo на несигурност, загрозување или страв, спрема брачен другар, родителите или децата или други лица кои живеат во брачна или вонбрачна заедница или заедничко домаќинство, како и спрема поранешен брачен другар или лица кои имаат заедничко дете или се наоѓаат во блиски лични односи.

(Продолжува)

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Мелони не изјавила дека ,,Русија ќе биде принудена да се предаде, ако не ги прифати условите на Самитот за мир”

Според видеото и транскриптот од нејзиниот говор објавени од страна на италијанската влада, Мелони зборува за тоа дека Украина ќе беше принудена да се предаде, доколку Западот не ѝ ја...