Фото: Center for Disease Control - USA
Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 1 до 7 март 2021, тестирани се вкупно 21.090 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 4,6 проценти во однос на минатата недела. Регистрирани сe 4.463 нови позитивни случаи од 35 градови во државата со зголемување од 23 отсто во однос на минатата недела.
Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, а највисока неделна инциденца е регистрирана во Неготино (заедно со Демир Капија).
„Процентот на позитивност во споменатиот период се движи од 13,2 до 26,7 отсто, или во просек 20,9 отсто, 3 отсто повеќе во споредба со минатата недела. Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (23 проценти). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 30-39 (20,1 проценти), 40-49 (17,8 проценти), 50-59 (17,4 проценти) и 20-29 (14 проценти). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (2,3 проценти) и 10-19 години (5,2 проценти),“ се вели во извештајот.
Во него се додава дека пријавени се 57 смртни случаи од 16 градови, 17,4 проценти помалку во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 50 лицa биле над 60 години, 5 лица на возраст од 50-59 години и по едно лице од возрасните групи 30-39 и 40-49 години.