fbpx

Ибраимовски: Власта нема бел образ, а не Ромите

-

„Сакаме слобода“, „И јас сум Ром“, Доста е дискриминација“, „Правда за Ромите“, „Оставка за Јанкулоска“… Со овие извици Ромите од цела Македонија го почнаа маршот против дискриминацијата, што, како што велат, врз нив ја врши власта.

Протестот почна од спортската сала „Кале“, каде се паркираа неколку автобуси, за кои, според Самка Ибраимовски, претседател на ПЦЕР, биле преполовени поради притисоци од власта.

Крајната дестинација на протестниот марш беше објектот на Владата, каде на разглас се пуштија неколку од снимените разговори – „бомби“, кои ги објавува опозицијата во изминатите неколку недели. „Бомбите“ беа за изборните нерегуларности во Шуто Оризари.

Во првата „бомба“ што пред Владата ја обелоденија од ПЦЕР, се слушна како Јанкулоска вели дека добро ја завршиле работата во Шутка и во Куманово. И кажале како некоја Ромка, вработена во МВР, се понудила за пари да го намести Самка Имбраимовски во каква ситуација сакаат за тие да можат да сликаат.

Во еден дел од разговорот со соговорникот, Јанкулоска вели дека можеби тоа и ќе треба да го направат за да имаат некакви докази за секој случај.

Во останатите две „бомби“, Јанкулоска Ромите ги нарекува Цигани и вели „само да не добијат во прв круг, а во вториот, ако треба за уши ќе ги носат на гласање“.

Пред присутните на протестот се обрати Сенад Бајрамовски, претседател на младинската организација на ПЦЕР. Тој им порача дека иако се Роми, нивните гласови вредат исто како и на сите други граѓани и секој треба да го искористи своето право на глас така како што смета дека ќе биде најдобро за неговата иднина.

– Нè враќаат од граници, ни ја скратија социјалната помош, немаме право на нормално образование, немаме право на работа, па што да правиме во оваа држава. Нè бараат и нè слушаат само за време на избори, а веднаш потоа забораваат сè што сме кажеле. Ромите се најдискриминирана нација во Р. Македонија. Нè третираат само како гласачка машинерија. Денеска сме тука за да кажеме „стоп“ на дискриминацијата. Ние сме Роми, не сме Цигани. Но, пред сè, ние сме луѓе, граѓани на оваа држава. Тука сме за да ви кажеме дека Ромите веќе не ве сакаат.

Самка Ибраимовски им се заблагодари на сите присутни и рече дека е многу добро што и покрај сите притисоци, дошле тука да го искажат својот став.

– Драги мои Роми. Денеска сме тука собрани да им кажеме дека има кој да го крене гласот. Ромите имаат своја критична маса. Ромите имаат углед и достоинство, а оние кои се чувствуваат како Цигани и оние кои немаат проблем да бидат тегнати за уши, нека седат таму кај што се. Ние живееме во оваа држава, плаќаме даноци, еднакво придонесуваме за развој на нашатата татковина и никој нема право да ги тегне Ромите за уши. Таква реторика не постои уште од времето на Хитлер. ВМРО-ДПМНЕ никогаш не работеа за интересите на Ромите, ниту имаат слух за нашите барања, а ромските партии кои се на власт се заинтересирани само за своите лични позиции и интереси.

Лидерот на ПЦЕР истакна дека е време да се каже крај на дискриминацијата на Ромите и на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.

– Ова е почеток на вашиот крај и најава за нова слобода за сите граѓани на Република Македонија. Сакаме власт која нема да го краде сопствениот народ. Сакаме социјална правда. Сакаме демократија. Ние сме Роми, ние имаме бел образ. Вие немате бел образ, вие сте од Белизе. Оравте и сеевте со Субрата Рој, никна сточен грашок за глувци. Ветувавте крави, а остваривте глувци. Надградено и проширено само со глувци. Ги повикувм сите чесни и одговорни луѓе, кои се на одговорни места, да почнат да поднесуваат оставки за да го исперат срамот од себе и да бидат со својот народ – рече лидерот на ПЦЕР.

Ибраимовски побара оствака од министерката за внатрешни работи, велејќи дека таа е „политички мртва“.

– Народот повеќе не е со вас. Но, најсилната „бомба“ е социјалната бомба. Кога таа ќе експлодира, нема да остане ништо од вас. Заминете, народот не ве сака – рече Ибраимовски, додавајќи дека ова е само почеток на серијата протестни маршови што ќе ги организираат.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...