Иако се забранети, деца купуваат енергетски пијалоци и завршуваат на Токсикологија

Фото: [email protected]

Иако продажбата на енергетски пијалоци на лица под 18 години е забранета со закон, малолетници можат слободно да ги купат во продавници што се наоѓаат околу основните училишта. Цените се различни, се продаваат за 40 денари за лименка, па нагоре. Сепак, лекарите предупредуваат за штетното влијание врз детскиот организам заради состојките таурин и кофеин. На Клиниката за токсикологија постојано има млади пациенти, но и возрасни, кои се обраќаат за помош откако испиле поголема количина на енергетски пијалок. Токсикологот д-р Нико Беќаровски од оваа клиника, вели дека не се реткост пациенти кои по испиени два енергетски пијалоци, доаѓаат со страшни тахикардии и со висок крвен притисок.

Не сакаат да признаат што консумирале

Беќаровски вели дека сите овие енергетски пијалоци, ако се искомбинираат со психостимулативни дроги како на пример, екстази, марихуана или други канабиноиди (нешто што често се случува), во тие случаи дејството се потенцира и на енергетскиот пијалок и на дрогата.

„Тоа значи дека ако имате и психостимуланс во себе, пулсот ќе оди и до 140. Младите лица кои се обраќаат за помош на клиниката, ретко кога признаваат што сѐ консумирале. Велат, пиеле енергетски пијалок, но сокриваат дека консумирале и дрога. Но, анализата на урината ги издава“, вели докторот.

Тој додава дека кога би се прашувал тој, би ги забранил енергетските пијалоци.

„Младиве и онака сѐ почесто пијат и високи количини на кафе, па имате кафе од една страна, плус енергетски пијалок, кој содржи таурин и кофеин. Така се добива двојна доза на кофеин. Тоа се екстремни стимуланси и одеднаш го стресуваат младиот организам“, појаснува докторот.

Тој информира и дека во последниот период е зголемена е бројката на уживатели на кокаин.

„Кокаинот е дрога на богатите, над 20 годишници ја консумираат и пред сѐ, бизнисмени. Не е тоа евтина дрога која може секој да си ја дозволи. Сепак, најчеста појава е труење на организмот со комбинација на алкохол и седативи. Нив секогаш ги хоспитализираме“, додава Беќаровски.

Meтаболистичка бомба за младиот организам 

Д-р Оливер Калпак од Клиниката за кардиологија, вели дека зголемената консумација на енергетските пијалоци е метаболистичка бомба за младиот организам.

„Кога младиот човек пие енергетски пијалок, може и моментално да нема некои посериозни последици. Но во подоцнежните години, кога тоа дете ќе наполни 30 години на пример, се јавуваат проблеми со кардиоваскуларниот систем“, вели д-р Калпак.

Според она што е објавено на веб-страницата на Институтот за јавно здравје, енергетските пијалоци содржат шеќери, кофеин над 150мг/л, најчесто во ранг од 250 до 300мг/л. Исто така содржат витамини од Б групата и со тоа го стимулираат метаболизмот на шеќерите и ја зголемуваат психичката и физичката подготвеност.

„Кофеинот има улога да ја зголемува будноста, концентрацијата, но исто така делува стимулативно и на кардиоваскуларниот систем и може да предизвика забрзана срцева работа и зголемен крвен притисок при високи дози. Освен кофеин тие може да содржат и други стимуланси како гуарана, таурин“, пишува на веб-страницата на ИЈЗ.

Оттаму предупредуваат дека енергетскиот пијалокот не смее да се меша со алкохол и дека не треба да се консумира истовремно со алкохолни пијалоци, а исто така, во никој случај не треба да се надминат две дози дневно (500мл). Не треба да го консумираат деца и млади луѓе до 18 години возраст, како и да не го консумираат лица преосетливи на кофеин, бремени жени и лица болни од шеќерна болест (дијабетес).

Не се препорачува за деца, дијабетичари, доилки… 

Надлежните во Агенцијата за храна и ветеринарство неодамна направиле анализа на означувањето на неколку енергетски пијалоци при што забележале дека на секој од нив пишува да не го консумираат деца, доилки, лица со проблеми со срцето, дијабетичари, бремени жени. Нагласено е и да не се меша со алкохол.

„Во Република Северна Македонија во период од пет месеци, увезени се 2.200.000 конзерви од енергетските пијалоци. Најголем увоз има на „Голден игл“, со вкупно 940.000 конзерви“, пишува во документот на АХВ.

 

Пишува: Антонија Поповска