Хенри Кавел ќе глуми во најновиот филм „Хајлендер“

Филмот ќе има буџет од над 100 милиони долари, а идејата за римејк на оригиналот е иницирана од сега веќе починатиот продуцент на оригиналот, Питер С. Дејвис

Henry Cavill, left, and 'Highlander' with Christopher Lambert Clay Enos; Everett Collection from the website Deadline.com

Хенри Кавел познат по улогите на Супермен и Вичер ќе игра во најновата верзија, римејк на првиот филм од „Хајлендер“. Се смета дека „Хајлендер“ со Хенри Кавел ќе биде „Џон Вик со мечови”, со оглед на тоа што еден од режисерите е Чад Стахелски, кој го режираше Џон Вик серијалот со Кијану Ривс. 

Сепак, постои едно непишано правило дека првиот дел од повеќето филмови е најдобриот, за разлика од продолженијата, а пример за исклучок е „Терминатор 2“ со Арнолд Шварценегер.

Колку за потсетување, ова е оригиналниот трејлер од првиот филм:

Првиот дел од „Хајлендер“ за кој ќе се снима најнова верзија ќе ја има истата приказна која одлично ја прикажаа Кристофер Ламберт и Шон Конери. По оригиналниот филм од 1986 година „Хајлендер”, следуваа продолженија од долгометражни филмови и ТВ серии.

Стануваше збор за бесмртници кои се натпреваруваат меѓу себе, кој ќе остане жив за да ја добие „наградата”, a на крајот се испоставува дека наградата е всушност да изживеат живот на смртник. Бесмртноста во филмот го поставува и филозофското прашање дали човек навистина би ја посакувал кога би знаел како е и дека токму нашата смртност прави работите да имаат поголема смисла и вредност.

Оригиналната музика во филмот маркантно беше сработена од познатиот светски бенд Квин (најемотивната сцена и песна во филмот е „Who wants to live forever”), Мајкл Камен и други музичари.

Филмот ќе има буџет од над 100 милиони долари, а идејата за римејк на оригиналот е иницирана од сега веќе починатиот продуцент на оригиналот, Питер С. Дејвис. Новото сценарио е сработено од Мајк Финч. Продуценти на филмот се Џошуа Дејвис, Нил Х. Мориц, продуцентот на The Fast and the Furious („Опасни и брзи”) и Чад Стахелски.

Снимањето се очекува да почне кон почетокот на 2024 година. Тагот на филмот, пак, гласи: „There can be only one” („Може да има само еден“).