fbpx

Хелсиншки: Во Идризово за 1.000 осуденици се грижи само една докторка

Осудените лица немаат соодветен пристап до здравствена заштита, лоши се материјалните услови за живеење, а програмите за ресоцијализација, условите за нивно имплементирање и постпеналната помош сè уште се недоволни и неприменливи, велат во Хелсиншки комитет за човекови права

-

Здравствената заштита во КПД Идризово се спроведува преку 1 докторка и 2
медицински сестри, кои ја посетуваат установата од над 1.000 осуденици, на само
неколку часа во текот на денот, информира Хелсиншкиот комитет за човекови права. Оттаму денеска ги објавија клучните наоди од областите во кои дејствуваат – правосудство, следење и застапување во затворите и психијатриските установи, говор на омраза, криминал од омраза, родова еднаквост, проблеми и права на ЛГБТИ заедницата, заштита од дискриминација, како и овозможивање на бесплатна правна помош.

„За корупцијата во затворите, осудените лица редовно нè информираат, но поради
страв да не ги загубат своите права и погодности, формално не сакаат да ги
пријават овие случаи. Во 2023 година обезбедена е бесплатна правна помош на 90 осудени лица и други лица во врска со прекумерна употреба на сила од страна на полициски службеници. Најчестите основи за кои осудените лица побараа правно советување се во врска со здравствената заштита, материјалните услови, видување со деца и вонбрачен партнер, храната и квалитетот на водата, правото на условен отпуст, преместување во друга казнено-поправна установа и остварување на правото на посета“, се наведува во соопштението од Хелсиншки.

Хелсиншкиот комитет спровел 10 посети во казнено поправните установи во КПД Идризово, КПД Штип, КПД Прилеп и затворот во Куманово. Утврдено било дека осудените лица немаат соодветен пристап до здравствена заштита, дека се лоши материјалните услови за живеење, а програмите за ресоцијализација, условите за нивно имплементирање и постпеналната помош сè уште се недоволни и неприменливи.

Хелсиншки, како член на Блупринт групата за реформи во правосудството, се повлече од понатамошно учество во изработката на новиот Кривичен законик, по неговите измени во септември 2023 година. Според нив, учеството на граѓанските организации станало беспредметно во постапка која суштински, како што велат, го озаконува незаконитото.

„Намалувањето на казните на трите клучни дела за борба против висок криминал
и корупција го озакони хроничното неказнување на високи функционери и
вршители на јавни функции. Хелсиншкиот комитет достави иницијатива до Уставниот суд на РСМ за оценување на уставноста на членови од Законот за изменување и дополнување на Законот за градење и Законот за работните односи (ЗРО), поврзани со реализацијата на Договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на четири автопатски делници на коридорите 8 и 10д. Со користење на поимот национален стратешки интерес како основ за утврдување на паралелни правила се овозможува постоење на напоредни законски решенија за работните односи. Резултат на тоа е правна несигурност и нееднаквост на граѓаните пред Уставот и законите“, велат оттаму.

Како што оценуваат во Хелсиншки, една од најголемите закани за заштитата на човековите права и борбата против дискриминацијата е недовербата на граѓаните во институциите.

„Државата не се одважи да го реши проблемот со системската дискриминација кон земјоделките/ците во остварувањето на правото на платено отсуство поради бременост, раѓање, мајчинство и боледување. Измените во Кривичниот законик со кои беа воведени новите кривични дела како полово вознемирување и демнење беа значаен придонес на државата кон усогласувањето со Истанбулската конвенција. Од друга страна, и покрај напорите на државата за натамошно унапредување на родовата еднкавост и подготовката на предлог-законот за родова еднаквост, поради силниот притисок на антиродовите движења – Законот не беше донесен“, реагираат оттаму.

Според нив, институциите не го препознаат фемицидот како родово засновано насилство, за што сведочат случаите на фемицид во Кочани и Куманово, каде жртвите на насилство повеќе пати пријавувале, а не добиле соодветна заштита.

„Продолжува загрижувачкиот тренд на ескалација на антиродовите и анти-ЛГБТИ
движења особено насочени кон трансродовата заедница. Направени се недоволно напори за воведување превентивни мерки за заштита, нема едукација за човековите права и подигнување на јавната свест, особено кај средношколците и младите, имајќи предвид дека најголемиот дел од жртвите и значен број сторители се малолетници или млади полнолетни лица. Говорот на омраза кон сексуалните и родовите малцинства, се искачи на 298 случаи или 19 отсто од вкупниот број регистрирани случаи. Омразата изразена во коментарите на социјалните мрежи насочени кон ЛГБТИ заедницата е резултат на предрасудите, лажните вести и антиродовите движења и анти-ЛГБТИ движењата“, се наведува во соопштението.

Хелсиншкиот комитет во изминатата година регистрирал 1171 случаи на говор
на омраза. 646 од нив биле сторени врз основа на етничка припадност, 248 поради
сексуална ориентација и родов идентитет, 275 случаи врз основа на национална
припадност, 149 поради политичко уверување и 80 случаи врз основа на род и пол.

„8 случаи беа пријавени до ОЈО Скопје и до ОЈО Гостивар и 3 случаи на вознемирувачки говор се пријавени до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Хелсиншкиот комитет регистрираше 197 потенцијални инциденти на злосторства од омраза од кои 35 се инциденти со јасни пристрасни индикатори. Инциденти што се случуваат врз основа на етничка припадност сѐ уште се најзастапени со 90,8 отсто од вкупниот број регистрирани инциденти. Младите лица сѐ уште се најчесто вклучени во пристрано мотивирани инциденти, и како сторители и како жртви“, се потенцира во соопштението.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Таравари: Сè уште немаме долгорочно и сигурно решение за хируршките клиники

Оперативниот програм во хируршките клиники е редуциран, има многу помалку операции во споредба со периодот кога работеше централниот компресивен систем. Но, сепак сè функцонира. Немаме сè уште долгорочно и...