Хелсиншки фото: ЕПСУ
фото: ЕПСУ

По повод Светскиот ден на здравјето кој се одбележува денеска, Хелсиншкиот комитет за човекови права ја реафирмира реакција од стотина организации од ноември 2020 година, со која се бара ставање крај на профитерството на приватните здравствени установи во време на пандемија и се бара воспоставување на регулатива за плаќање според ценовникот на Фондот за здравствено осигурување. Хелсиншки, исто така, ја повика Владата во најбрз можен рок да преземе мерки за регулирање на работењето на приватните болници, со тоа што ќе им даде согласност да згрижуваат болни од ковид-19 само оние кои склучиле договор со ФЗО.

„Со оглед дека посочените барања и препораки не наидоа на одговор од надлежните, а во моментов се наоѓаме во екот на третиот пандемиски бран, со секојдневно висок број на заболени, хоспитализирани и починати, повторно апелираме, државата да воспостави регулативна рамка за утврдување на лекувањето поврзано со ковид-19, кое граѓаните го покриваат со лични средства во приватните здравствени установи. Тоа да е по примерот на определен максимален износ за плаќање на учество со лични средства (партиципација) во јавното здравство, во согласност со Ценовникот на здравствени услуги на Фондот за здравствено осигурување“, соопштуваат од Хелсиншки.

Предлагаме Фондот за здравство да склучи договор со сите акредитирани лаборатории за ПЦР тестирања за ковид-19 или да овозможи покривање на трошоците, односно рефундирање.

„Приватните здравствени услуги од илјадници евра не можат да се сметаат како пристап за ползување на човековото право за здравствена услуга. Уставот на РСМ на секој граѓанин му го гарантира правото на здравствена заштита, без дискриминација врз основа на финансиската состојба. Поединецот што бара третман, а не е во можност да ги плати трошоците, има право да биде ослободен од нив“, посочуваат од Хелсиншки.

Додаваат дека не треба да се дозволи шансите за преживување да зависат од тоа кој има повеќе пријатели и пари за да може да го спаси својот и животот на најблиските. И Европската федерација на синдикатите од јавниот сектор (ЕПСУ), соопшти дека, една од главните лекции е дека јавното здравје и грижа треба да се заштити од комерцијализација и приватизација. Покрај оваа порака до ЕУ и до земјите членки, ЕПСУ апелира и за обезбедување вакцини за сите луѓе на светот, преку зголемено производство и „одрекување“ од правата на интелектуална сопственост врз вакцините.