Гугл воведува енкрипција на електронската пошта за бизнис-корисниците

Фото: Kampus Production @Pexels

Онлајн-платформата на Гугл за тимска работа и за деловни субјекти Google Workspace почна со бета-тестирање на новиот софтвер за енкрипција (шифрирање) на комуникациите и пораките од еден краен корисник до друг краен корисник, извести „Гизмодо“.

Засега оваа опција им се овозможува само на корисниците што се определиле што сакаат да бидат вклучени во тестирање на нови опции и алатки, а потоа ќе биде воведена како стандарден дел од онлајн-платформата за бизнис-корисниците. Идејата е да се обезбеди поголема тајност на комуникациите.

Корисниците и понатаму ќе имаат контрола врз енкрипциските (шифрирачките) клучеви и идентитет-опциите што даваат контрола врз овие клучеви.

Од Гугл уверуваат дека кога ќе се воведе алатката, чувствителните информации и податоци нема да може да бидат дешифрирани од серверите на Гугл.