Гугл тестира алатка за вештачка интелигенција која одговара на медицински прашања

Гугл верува дека овој модел може да биде особено корисен во земјите со поограничен пристап до лекари

Фото: Paweł Czerwiński on Unsplash

Алатката за вештачка интелигенција на Гугл која е дизајнирана да одговара на прашања околу медицински информации, наречена „Мед-Палм 2”, веќе се тестира во некои клиники во САД, пренесува „Врџ“.

Според Волстрит Журнал, Гугл верува дека овој модел може да биде особено корисен во земјите со поограничен пристап до лекари.

„Meд-Палм 2” бил обучен од сет на демонстрации на медицински експерти, и поради ова Гугл верува дека истиот ќе биде подобар во разговорите за здравствена заштита отколку генерализираните чет-ботови како ChatGPT или Бард.

Новата алатка за вештачка интелигенција на Гугл сè уште се соочува со проблеми околу точноста на податоците, што веќе се случува со големите јазични модели. При истражувањата, лекарите откриле повеќе неточни и нерелевантни информации во одговорите дадени од алатката на Гугл отколку од одговорите дадени од лекарите.

Сепак, во речиси секоја друга метрика „Meд-Палм 2” работел скоро исто толку добро како и вистинските доктори. Овој вид на вештачка интелигенција е сè уште во рана фаза на развивање.

Според Волстрит Журнал, клиентите што ја тестираат алатката ќе можат да ги контролираат нивните податоци, кои ќе бидат шифрирани, а Гугл нема да има пристап до нив.