fbpx

Груевски на „Фејсбук“: Ако се изгласа оваа влада, таа ќе биде влада на еден амбасадор

-

„Принципот на коалицирање „победник со победник“ со потегот на ДУИ е засекогаш уништен. Никој, па ни ВМРО-ДПНЕ во иднина нема да има таква обврска да коалицира со победникот“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во својот статус на „Фејсбук“, откако ДУИ реши потписите за состав на нова влада да ги даде на СДСМ.

– Оваа влада е направена под жесток надворешен притисок кон ДУИ, во кој многумина учествуваат, а најактивен е еден амбасадор. Ова е операција во голема мера поддржана од Сорос. Голем дел од финансиите и од логистиката се од него. Но, покрај него и некои надворешни моќни центри, значајна улога играат домашните соработници, тргнувајќи од Зоран Заев, па надолу – вели Груевски во статусот.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека „ако се изгласа оваа влада, таа ќе биде влада на еден амбасадор“.

– Потоа тој ќе пристапи и судот да биде негов суд. Тој, всушност, подолго време работи на тоа. Обвинителство веќе си има. Поданици, НВО и платеници во значаен број. Си има и раководства на партии. Но, и тој нема да е вечен амбасадор и тој е со ограничен мандат – вели Груевски.

За изборната кампања на СДСМ вели дека „биле потрошени многу странски црни пари, а се трошат и сега“.

– Цели тимови се ангажирани да влијаат и да ги доведат во заблуда граѓаните. Имаат под своја контрола многу медиуми, многу поединци платеници во форма на аналитичари, интелектуалци, колумнисти, новинари, платени демонстранти, крупни бизнисмени, судии, едно цело обвинителство, политички партии, НВО и млади заведени и индоктринирани луѓе на кои со години со предавања и со пари им го перат мозокот по разни семинари и сл. и се разбира многу пари. Ако народот остане рамнодушен, ќе ја преземат државата, комплетно ќе ја редефинираат и ќе управуваат со тој народ – вели Груевски.

Тој, исто така, додава дека основната причина за целата операција за уривање на власта и за носење на Зоран Заев е слабеење на државата заради промена на името и на идентитетот на Македонците.

Груевски вели и дека „ако толку по секоја цена сака Заев да биде премиер, нека не удира по државните и националните интереси“.

– Нека ја спроведува програмата од изборите без редефинирањето. Нека удри и по нас, ама не по државата и по нејзините темели. Еве, јас доброволно ќе прифатам, ако тоа му е услов на Заев, да ме уапсат, затворат и да ме малтретираат, а ВМРО-ДПМНЕ да го поддржува како малцинска влада колку време сака до наредните избори кои заедно би ги договориле, нека удри по мене, само нека се откаже од удирање по темелите на државата заради желбата да е на власт. Ова нека го сфати како јавна понуда – вели Груевски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Украинската одбрана соборила 84 руски воздушни цели

Ноќеска Русија изврши уште еден масовен воздушен напад врз украински објекти за гориво и енергија, соопшти украинската одбрана. Непријателот ја нападнал Украина со 60 беспилотни летала Шахед и 39 проектили...