Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, се сретна со пратеникот во германскиот Бундестаг од редовите на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и член на комисијата за надворешни работи на германскиот парламент, Торстен Фрај, информираат од владејачката партија.

На средбата, како што се појаснува во партиското соопштение, тие разговарале за претстојните парламентарни избори, како и за надминувањето на политичката криза.

Груевски истакнал дека се исполнети сите услови за одржување на изборите и дека тие се излезот во насока на надминување на кризата.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакнал дека граѓаните ќе имаат можност да одлучат за иднината на државата и да се определат меѓу концептот на градење и проекти и концептот на создавање кризи и деструкција, застапуван од опозицијата.

Исто така, на средбата станало збор за македонско-германските односи, особено за зголемениот број германски инвестиции и нови фабики во Македонија, вклучително и за евро-атлантските интеграции кои преставуваат заедничка стратешка цел.

ВМРО-ДПМНЕ и ЦДУ, како сестрински партии, се долгогодишни партнери во рамките на Европската народна партија (ЕНП), со постојана соработка на билатерално и на мултилатерално ниво.