Граѓанските организации бараат Фонд за животна средина и парите од еко такси да се користат наменски

Пречистителната станица за отпадни води во Прилеп; Извор на фотографија: Општина Прилеп

Да се формира Фонд за животна средина и сите пари кои се одвојуваат како еколошки такси да се наменат за поправање на штетите кои ги правиме на нашата околина и природата. Еколошките такси кои ги плаќаат граѓаните и компаниите треба да се слеваат на едно место, но и наменски да бидат потрошени, а граѓаните да имаат увид колкави средства се собрале и да добијат можност да ги почувствуваат бенефитите од нив.

Овие пари, кои сите ги плаќаме како дел од цената на горивото, при регистрација на возилата или пак преку принципот загадувачот плаќа, сега завршуваат во државниот буџет. Во 2020 година, над 4,6 милиони евра собрани како еколошки надоместоци, по десетина различни основи, се слеале во државната каса. Од нив, само 1,2 милиони евра завршиле на сметка на Министерството за животна средина и се искористиле за еколошки проекти.

Дали парите кои остануваат во буџетот се трошат наменски за прашања поврзани со животната средина или за други потреби, во моментов не е доволно јасно. Од таа причина, граѓанската организација „Еко свест“ повторно ја актуелизираше иницијативата за формирање на Фонд за животна средина.

„Придобивките од Фондот за животна средина ќе бидат огромни бидејќи ќе се овозможи решавање на некои од горливите проблеми поврзани со животната средина. Сметаме дека главната придобивка ќе биде што ќе се има јасен увид во тоа колку средства се на располагање за решавање на проблеми од областа на животната средина и ќе биде јасно каде треба да се адресираат барањата за финансирање на решенијата за овие проблеми“, вели Ана Чоловиќ-Лешоска од „Еко свест“.

Долгогодишната иницијатива на граѓанските организации во земјава конечно наидува на позитивни сигнали и од Министерството за животна средина.

„Ќе ја поддржиме идејата. Планираме да организираме состаноци со сите засегнати сектори, почнувајќи од Министерството за финансии. Во моментов речиси сите средства по основ на еколошки такси се слеваат во буџетот“, вели министерот Насер Нуредини.

Во студијата која „Еко-свест“ неодамна ја објави во соработка со проф. д-р Силвана Мојсоска, има неколку предлози поврзани со организацијата и поставеноста на Фондот засновани на искуства од земји во регионот и Европската Унија. Студијата предлага тој фонд да има мандат за прашања од поширок опсег од областа на животната средина, со тоа што на годишно ниво би се определувало каде достапните средства да се пласираат во зависност од стратешките и програмски определби во политиките за животна средина во земјата.

Формирањето на Фонд, смета Чоловиќ-Лешоска, се очекува да придонесе кон подобро спроведување на регулативата бидејќи, во зависност од тоа како е испланиран, може да обезбеди финансии за имплементација на поскапите Директиви, како што е Рамковната директива за вода, или пак за законите поврзани со климатска акција.

„Фондот треба да биде независно правно лице со засебна сметка кое ќе одговара пред Владата и тесно ќе соработува со релевантните министерства, особено Министерството за животна средина и просторно планирање. Основни инструменти кои би требало да ги користи овој револвинг фонд би требало да бидат меките заеми и грантовите“, вели Чоловиќ-Лешоска.

Северна Македонија веќе има искуство со ваков тип на институција. Во периодот од 1998 до 2002 година во земјава функционираше Фонд за животна средина преку кој беа реализирани повеќе проекти. Првиот директор на Фондот, Љупчо Аврамовски вели дека врз основа на нашите искуства бил формиран и хрватскиот Фонд, кој и денеска функционира. Тој смета дека со постоење на Фонд, освен што парите од еколошките такси ќе се користат наменски, би се привлекле многу повеќе странски донации и со тоа и многу повеќе средства за реализација на еколошки проекти.

„Фондот финансираше одржливи проекти, меѓу кои и промена на резервоари од мазут во гас, водоснабнителни и фекални системи, се поддржа проектот за спас на Дојранско езеро, каде се рехабилитираше и пречистителната станица, а имаше и инвестиција во патентирана технологија за реискористување на отпадна пареа од индустриски процес во фабрика во Гостивар во енергија за затоплување“, вели Аврамовски.