Фото: Мета.мк

Кредитите на домаќинствата во август годинава бележат месечен раст од 0,3 отсто, којшто е резултат на повисоките кредити одобрени во денари, додека кредитите во странска валута бележат пад, покажуваат новите податоци на Народната банка.

На годишна основа, растот изнесува 9 отсто и е поизразен кај кредитите одобрени во денари.

„Со исклучување на податоците за кредитите на домаќинствата на банката во стечај, растот на месечно и годишно ниво изнесува 1,2 отсто и 10 отсто, соодветно“, соопшти Народната банка.

Во август, анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, потрошувачките кредити, како најзастапена категорија, бележат месечен и годишен раст од 0,4 отсто и 9,6 отсто.

Станбените кредити се намалени за 0,3 отсто на месечно ниво, при остварен годишен раст од 13 отсто.

„Кај автомобилските кредити падот на месечна и годишна основа изнесува од 0,9 отсто и 10,7 отсто, соодветно. Кредитите одобрени на кредитни картички бележат минимален месечен раст од 0,1 отсто, при годишен пад од 3,7 отсто, додека негативните салда на тековните сметки остварија месечен раст од 2,1 отсто, при годишен пад од 10,9 отсто. Кредитите одобрени врз други основи, во август, се непроменети на месечна основа, додека на годишна основа се намалени за 5,4 отсто“, информираат од Народната банка.

Инаку, во август, кај вкупните депозити на домаќинствата е забележан месечен пад од 2,1 отсто. Надолната промена во најголем дел се должи на намалените долгорочни депозити во денари (учество во промената од 68,2 отсто), при забележан пад и кај останатите компоненти, освен краткорочните депозити во странска валута коишто бележат раст.

„Анализирано на годишно ниво, депозитите на домаќинствата се зголемени за 5,7 отсто, како резултат на растот на депозитните пари и краткорочните депозити во странска валута, додека останатите компоненти бележат пад. Ако се исклучат податоците за депозитите на банката во стечај, остварен е минимален месечен раст од 0,1 отсто и годишен раст од 8 отсто“, укажуваат од Народната банка.