„Гоу Грин“ бара вклучување на велосипедистите и лицата со посебни потреби во најавениот градски железнички превоз

„Бидејќи е најавено дека ќе се проверат и самите железнички станици и ќе се направи анализа дали треба да се направат нови, сметаме дека треба да се провери и пристапноста на самите станици. Во Скопје има голем број на лица кои се движат со помош на колички (инвалидски, бебешки итн.) и круцијално е да им се понуди безбеден пристап во возовите“, велат од здружението

Image by wal_172619 from Pixabay

Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина „Гоу Грин“ – Скопје соопшти дека ја поздравува идејата за воспоставување на градски железнички превоз во Скопје, за која деновиве известуваат медиумите, а по најавата на новиот министер за транспорт и врски Александар Николоски.

Во гостување во вестите на Телевизија Сител, Николоски пред три дена рече дека се размислува за воведување на т.н. градски воз во рамки на Градот Скопје, по примерот на поголемите градови низ Европа.

„Имате директна пруга која оди од населбата Драчево до центарот на Скопје, до главната железничка станица. Зошто некој да се вози со автобус или со автомобил, да се создава загадување, кога може во точно предвидено време да стига од Драчево до Скопје? Тоа е нешто што ќе го иницирам со новиот директор на ‘Македонски железници‘“, рече министерот за транспорт и врски.

Од „Гоу Грин“ велат дека преку градскиот воз се намалува зависноста од приватните автомобили, потребата од широки булевари и огромни паркинзи.

Порачуваат при разгледување на идејата да бидат земени предвид сите типови на патници, како што се прави во развиените европски и светски градови.

„Бидејќи е најавено дека ќе се проверат и самите железнички станици и ќе се направи анализа дали треба да се направат нови, сметаме дека треба да се провери и пристапноста на самите станици. Во Скопје има голем број на лица кои се движат со помош на колички (инвалидски, бебешки итн.) и круцијално е да им се понуди безбеден пристап во возовите“, велат од здружението.

Од таму додаваат дека е од огромна важност да се овозможи мултимодален транспорт – транспорт на велосипеди во возовите и да се размислува за интермодален транспорт, односно можност за изнајмување на велосипеди на железничките станици и поврзаност со автобускиот транспорт преку делење постојки.

„Овие решенија им овозможуваат на патниците кои живеат над 5 км од крајната дестинација да се движат со воз до најблиската станица и потоа со велосипед до крајната дестинација, која најчесто е низ најголемиот градски метеж“, велат од „Гоу Грин“.