Google Earth со Timelapse функција за визуелен приказ како се менувала Земјината топка од 1984 година до денес

Фото: NASA on Unsplash

Компанијата Гугл ја воведе Timelapse функцијата на Google Earth, со која се овозможува визуелен приказ на промените на Земјината топка во периодот од 1984 до 2020 година. Тие соработуваа со тимот од Универзитетот Карнеги Мелон во подготовката на timelapse видео записи на Google Earth, што според технолошкиот гигант е најголемото ажурирање што компанијата го направила на платформата од 2017 година, пренесува ЗДНет.

Во објавениот блог пост, Гугл наведува дека корисниците на Google Earth ќе можат отсега да ја гледаат Земјината топка во целосно нова димензија – времето. Новата функција Timelapse е развиена со помош на 24 милиони сателитски слики од изминативе 37 години кои се составени во интерактивно 4D искуство.

„Нашата планета забележа брзи промени во животната средина во изминатиот половина век – повеќе од кој било друг период во историјата на човештвото. Многумина од нас ги доживеаја овие промени во сопствените заедници. И јас самата бев меѓу илјадниците жители на Калифорнија, кои беа евакуирани од своите домови за време на пожарите во државата минатата година“, ќе напише Ребека Мур директорка на Google Earth.

Со Timelapse функцијата на Google Earth се создава појасна слика за тоа како нашата планета се менувала во изминативе децении, со што ќе се укаже не само на проблемите, туку и на зачудувачките убави природни феномени што се развивале низ децениите.

Преку Timelapse, корисниците на Google Earth можат да изберат кое било место на планетата што сакаат да го гледаат како се менувало низ времето во текот на четири децении. Исто така, тие може да ги погледнат неколкуте стотици видеа во 2D и 3D за тоа како се промениле низ времето познатите светски дестинации – од Дубаи и Гренланд, до шумите во Амазонија и многу други места.