Фото: Kampus Production @Pexels

Вршењето на поголем број задачи и обврски освен функцијата координатор, недоволна комуникација и соодветни надоградени обуки, но и корона кризата ја отежнуваат работата на координаторите за еднакви можности во општините. Ова е генералниот заклучок од денешната дебата на тема „Со кои предизвици се среќаваат жените на позиции на донесувачи на одлуки во општините?“, која ја организираше Центарот за истражување и креирање политики по повод презентацијата на родовата анализа во рамки на проектот „Низ женски леќи: покревање на политики и буџетски иницијативи, следење на спроведувањето на локалните акциски планови за родова еднаквост“.

Анализата покажува дека од анализирани 17 општини, само две се водени се од градоначалнички и тоа Старо Нагоричане и Македонска Каменица, како и тоа дека позиции во кои мажите доминираат се градоначалниците, претседатели на Советите и координаторите на кризните штабови, имајќи предвид дека на последната позиција стои градоналачникот.

„Она што е најзагрижувачко е што претседателите на урбаните и месните заедници од 220, 217 се раководени од мажи, а само 3 од жени. Ова е една сериозна бројка во однос на родовата еднаквост. Онаму каде што преовладуваат жени на раководни позиции тоа се координаторките за еднакви можности, односно 15 во спротивност со двајца мажи координатори“, рече Љупка Трајановска од Центарот за истражување и креирање политики.

Податоците покажуваат дека придвижување кон родов баланс има кај раководителите на сектори и одделенија, 50 мажи наспроти 48 жени. Но сепак, како што рече Трајановска, ако се анализира тоа што жени раководители се поставени на секторите за социјална заштита или култура, а со останатите урбанизација или економски локален развој управуваат мажи, тогаш постои влијание на родови стереотипи.

Трајановска потенцираше дека родовата еднаквост во општините ќе се постигне ако се поставуваат повеќе жени на раководните функции, но и ако се минимизираат стереотипните работни позиции и целосно се искористи потенцијалот и капацитетите, како на мажите така и на жените. Таа напомена дека важен сегмент е потребата да се зајакне и улогата на координаторите за еднакви можности во општините и целосно да се реализираат програмите за родова еднаквост кои се богати, но на крајот од годината немаат своја реализација.

Координаторката за еднакви можности, Славка Стефановска од Старо Нагоричане потенцираше дека покрај работата координатор, многу од координаторите имаат и други задолженија и обврски поради кои се отежнува основната улога.

„За мене, можам да кажам дека многу мал дел од времето можам да одвојам и да се посветам на оваа дејност, бидејќи истовремено работам и во полето на информации од јавен карактер, во Советот итн. Без ниту каква обука, ни се доделуваат решенија и одлуки од кои во истиот момент мора да се преземе обврската. Сметам дека во овој аспект мора и да се поработи со нашите надредени“ потенцираше Стефановска.

Сузана Петровска од Општина Делчево истакна задоволство што многу од координаторките не се сменети од позициите со исклучок на неколку општини. Особено да се има предвид дека ако едно лице помине обука, а подоцна биде сменето и на негово место дојде некој друг, тогаш го нема тој континуитет во работата.

Марија Камчева од Кавадарци која во моментов е нов координатор за еднакви можности смета дека сè уште не е навлезена во проблематиката со која се соочува координаторот, но истакна дека како и сите општини така и Кавадарци ги има истите проблеми. Особено корона кризата, која е најголемиот непријател поради која се спречени да ги организираат голем дел од предвидените активности во Акцискиот план и програмата на општината.

Весна Дончевска од Македонска Каменица спомена дека во општината нема раководители на сектори, а најголем проблем за нив е што не добиле повратен одговор на иницијативата поднесена до Советот на општина Каменица за претседателки на комисиите во Советот.

„Се надеваме дека со локалните избори и формирањето на нов Совет ќе успееме да бидат повеќе жени претседатели на комисиите за одлучување во општината. Од веќепостоечките комисии, само Комисијата за еднакви можности има жена претседател“ потенцираше таа, нагласувајќи дека не постои соработка и заинтересираност за имплементирање на активностите предвидени за реализација.

Претседателката на Здружението за социјални иновации и одржлив развој „Радар“ Скопје, Гордана Нестороска, смета дека сите вработени во било која државна институција почнувајќи од чуварот, до хигиеничарите, па се до директорот и министерот, секој од нив треба да помине низ основна и напредна обука за родова еднаквост и тоа на годишно ниво.

Претставничките од општините се согласни дека обуките за родова еднаквост од МИОА се несоодветени и треба да го следат развојот, односно да се надоградуваат од година во година, а воедно и да се измени систематизацијата во општините, со што координаторот за еднакви можности ќе ја работи само својата улога за која е назначен.