Пошумување на Водно во размери кои не се видени уште од педесетите кога плански била пошумувана планината, со пари кои ги обезбедува Македонски енергетски ресурси (МЕР), треба да се реализира веќе оваа есен.

Ова им беше најавено на претставниците на „Го сакам Водно“ на состанокот со работната група, составена од Министерството за животна средина и просторно планирање, Град Скопје, ЈП „Паркови и зеленило“, МЕР и Шумарскиот факултет во Скопје.

Владата претходно, како резултат на притисокот од еко-активистите, ја формираше групата со цел спроведување на ветената ревитализација и компензирање за нанесената штета на парк-шумата Водно со изградбата на гасоводната траса.

„Бевме информирани дека четири милиони денари се веќе издвоени исклучиво за таа намена и дека на проектот за ревитализација на шумската вегетација на Водно ќе работи тим на стручњаци од „Паркови и зеленило“, од Шумарскиот факултет, како и експерти ангажирани од УНДП да извршат валоризација на подрачјето на парк-шумата за изготвување на Законот за заштита на Водно. Она што ни го ветија звучи како добар старт и ние ќе инсистираме и активно ќе го следиме целиот процес за ветеното докрај да се реализира, секако во услови кога садењето ќе биде возможно, а тоа значи октомври или почеток на ноември годинава“, вели Татјана Стојановска од „Го сакам Водно“.

Таа додава дека ќе бараат да бидат дадени прецизни рокови за реализација на сите фази и ќе инсистираат да се почитуваат.

Во оваа фаза се уште не биле дефинирани точните локации на кои ќе бидат садени дрвјата, ниту за кој тип на дрвја станува збор, но изборот ќе биде во насока на обновување на шумскиот фонд онаму каде што е најпотребен и каде што садењето ќе даде најголеми ефекти

Активистите по средбата излегоа со соопштение во кое велат дека не се откажуват од борбата за Водно иако багерите веќе го сториле своето и најголемиот дел од шумата долж трасата е веќе исечена.

„Во ситуација кога шумскиот дел од трасата е веќе исечен, единствена можност нешто позитивно да се случи за Водно е ревитализација со средствата кои владата под притисок на нас, граѓаните, ги намени за обнова на растителниот фонд на Водно.Нема да дозволиме и овој пат да останат овие планови само ветувања кои нема да се реализираат од икс причини“, стои во соопштението на „Го сакам Водно“.