Гласај онлајн за твојот фаворит во изборот за македонска евровизиска песна

Фото: Платформа на МРТ

Во тек е изборот на песна што ќе ја претставува Северна Македонија на годинешното 66-то издание на „Евровизија“ во Торино, Италија што ќе се одржи во мај. Во потесниот круг за најдобри песни од кои една ќе ја претставува земјава влегуваат шест млади талентирани македонски музичари и пеачи.

Оваа година, Македонската радио телевизија преку онлајн платформа овозможува право на бесплатно гласање независно и отворено за секого кое ќе трае до 4-ти февруари годинава. Гласањето за еден од шесте досегашни фаворити може да се направи ТУКА.

„Вашите гласови се половина од финалниот резултат, а другата половина ќе се добие од гласови на меѓународно стручно жири. Гласовите од онлајн гласањето и гласовите на меѓународното стручно жири ќе бидат претворени во поени, според евровизискиот принцип на гласање (50:50). Победник ќе биде изведувачот кој ќе освои најмногу поени и тој ќе ја претставува земјата на Изборот за песна на Евровизија 2022 во Торино. Доколку дојде до изедначен број на поени, тогаш предност ќе има мислењето на меѓународното стручно жири“, пишуваат од МРТ.

Кандидатите кои влегуваат во изборот се:

1. Ris Flower – „Flying to Berlin”

Борис Цветановски дебитираше со „Translucent“ во 2020 г., летото во 2021 г. беше актуелен со проектот „Live Power Sessions“, a кон крајот на истата година го објави и видеото за „Hearts so cold“. Ris Flower е комплетен автор на својата музика, а за нејзино усовршување работи во студиото „Ари“ во Истанбул, Турција. Ris Flower на издавање на својата музика работи со професионални издавачки куќи од Турција и Британија, задолжени за дигитална дистрибуција на преку 160 музички платформи.

 

2. Kaly – „Love and light“

Калина Велковска, како што вели, го доживеала своето музичко „огнено крштевање“ во 2006 година со составот „Стил Темпл“ и тоа како предгрупа на култните Whitesnake. На сцената е присутна повеќе од 15 години, а во нејзиното музичко портфолио се вклучени повеќе музички правци – од класика, џез, етно до фанк, поп и рок – од акапела состави до филхармониски концерти. Посебно значење му дава на проектот Kaly’s Music challenge – концептуални музички видеа во домашни услови, со единствена цел обединување на музичарите и создавање музика.

3. Lara – „Flower of Sorrow“

Лара Иванова за прв пат ѝ се претстави на македонската публика на Макфест 2019 година, кога имаше само 16 години, со темата „Кој те учи така“. Оттогаш до денес има 8 синглови со видео запис зад себе, а за дел од нив има и препев на англиски јазик. „Некогаш ќе помине“, „Осамена“, „Кој е сега крив“ се само дел од нејзините хитови. На последното издание на Макфест 2021 година, сосема заслужено, доби награда за најдобра вокална интерпретација.

4. Yon Idy – „Dreams“

Yon Idy честопати во јавноста го опишуваат како „странецот од Македонија“ затоа што неговиот музички стил и продукција се многу блиски до најактуелните инди поп артисти од западната сцена. Неговиот деби сингл „Gentle” во 2019 година се искачува на 12 место на топ листите во Албанија, а „Back around” во 2020 година убедливо најмногу допира до македонската публика и радио станиците. Yon Idy се слуша на радио станиците низ повеќе европски земји како Британија, Швајцарија, Германија, Грција, Хрватска, а дури и во САД.

5. Аndrea – „Circles“

Андреа e артист и автор од Скопје, чијашто музика за само десет месеци е стримувана повеќе од девет милиони пати на платформата Тик Ток и 2.2 милиони пати на YouTube. Македонската публика ја освои со нејзиното првенче „I know”, а денес веќе ја препознава и Европа. Песните на Андреа се вртат на повеќе до 200 радио станици во 40 земји, вклучувајќи ги САД, Англија, Канада, Германија, Франција и Италија. Неодамна, Андреа сними сет од 3 песни со оркестарот AME’s.

6. Viktor Apostolovski – „Superman“

Виктор Апостоловски е пејач/автор/мулти-инструменталист од Битола кого публиката го запозна во 2011 година како натпреварувач во талент-шоуто Македонски Идол. Во последните десет години има издадено над 50 песни, два албуми на македонски јазик и еден албум со колеги од САД. Неговата деби песна „You were mine“ во 2011 година се пласираше во топ 20 на MTV Adria, во 2020 година доби награда на Макфест за најдобар сценски настап, а последна песна „Mine“ беше второнаградена на меѓународен натпревар за музика и продукција.

Онлајн гласањето трае седум дена, заклучно до 22:00 часот во петок, 4 февруари.

Ова 66-то издание на најголемиот меѓународен натпревар за избор за најдобро напишана и изведена песна, „Евровизија“ во организација на Европската Бродкаст Унија годинава ќе се одржува во Италија во ко-организација на италијанската бродкаст компанија Радиотелевизија Италија (RTA) следејќи ја минато годишната победа на рок беднот „Манескин“ со песната „Zitti e buoni“.

Бендот со победата се прослави на светско ниво, вкулучувајќи и номинации и награди од најпрестижните музички фестивали во Европа и Америка.