Поп пејачот Yon Idy сними видео спот за песната „In Time“

Yon Idy, принтскрин од видео спотот на песната In Time

Младиот музичар и кантавтор Yon Idy сними видео спот за неговата најнова песна „In Time“, која што беше промовирана на 10-ти јануари годинава.

Песната претставува живо пренесена емоција со игривост што одразува комбинација на движечка и истовремено смирена мелодија, а спотот совршено се совпаѓа со целиот аранжман. Yon се јавува како автор на музиката и текстот, при што умешно и блиско ги доставува личните чувства во нумерата.

„In Time во суштина е песна за убавите спомени. Неодамна сфатив дека како и да заврши односот со некоја личност, она што секогаш ни останува во сеќавање се убавите спомени. Мило ми е кога можам да се насмевнам мислејќи на минатото. Особено ми е драга оваа песна затоа што на неа публиката најдобро реагира кога ја изведувам во живо“, вели Yon.

Како музичар веќе некое време и е познат на пошироката публика во Македонија, а посебно место зазеде со песната „Dreams“, со која се најде меѓу шесте финалисти во трката за македонски претставник на Евровизија. Пораснал опкружен со музика во неговиот роден град Скопје. Тој се вљубува во неа и учи од класичните уметници како Битлси и Леонард Коен, подоцна под влијание на Muse, со доза на блуз и инди ноти. Yon пред публиката во живо свири повеќе пати неделно, но истовремено работи и на нови песни, па оваа година се очекува и неговиот прв албум.