„Get EXITed“ на 7. септември во Струмица

Фото: Општина Струмица

На 7. септември во Струмица, во организација на тимот на „Егзит“ ќе се одржи голема еднодневна забава, именувана како „Get EXITed“. Иако точната локација сѐ уште не е позната, тимот на „Егзит“ во соработка со општина Струмица најавија големо музичко остварување, на кое ќе настапат светски и регионални музичари.

„Од самото основање на „Егзит“ постои голема врска помеѓу Македонија и нашиот фестивал, која ја одржуваме веќе две децении, а сега е време и ние да навратиме кај вас. Бидејќи врските помеѓу нашите земји се нераскинливи, токму поради историјата и заедничката култура, многу ни е мило што во семејството на „Егзит“ настаните конечно ни се придружува и Македонија, а почетокот на оваа соработка е токму големиот „Get EXITed“ музички настан во септември во Струмица“, рекоа организаторите на прес-конференцијата.

Градоначалникот Костадин Костадинов рече дека ветува многу дружење, добра музика и убави изнанадувања.

„Ги повикувам сите народи на Балканот да дојдат во Струмица, за заедно да започнеме едно убаво и големо поглавје на нашиот отворен Балкан“, рече тој.

„Егзит“ е најголем настан во музичката индустрија на Југоисточна Европа. Покрај традиционалното одржување на фестивалот во Нови Сад, организирани се бројни фестивали и музички настани.

Мисијата на „Егзит“ од самото настанување, е поврзување на регионот и промоција на мирот, како и брендирање на дестинации и изградба на нивниот препознатлив имиџ.