Фронт 21/42: Остранувањето на платформите во Охрид и Струга не го решава проблемот со дивоградбите

Извор: Кабинет на Првиот Вицепремиер, Министерство за Политички систем и односи меѓу заедниците

Отстранување на дел од привремените конструкции и опрема од плажите во Охрид и во Струга, не е спроведување на препораката за справување со дивоградбите, сметаат од граѓанската организација Фронт 21/42. Во јули 2017 година УНЕСКО побара да се стопира легализацијата во рамки на светското наследство и итно да се изработи Инвентар на сите дивоградби. Врз основа на Инвентарот требаше да се спроведат проценки на нивното влијание врз исклучителните универзални вредности на природното и на културното наследството и да се отстранат сите за кои ќе се установи дека имаат негативно влијание.

Но, наспроти овие барањата на УНЕСКО, од Фронт 21/42 посочуваат дека кај нас не е реализирано речиси ништо, а некои активности не се ниту започнати. Екологистите потсетуваат дека по предлог на Владата во декември 2017 година Собранието изгласа продолжување на рокот за поднесување на нови барања за легализација. Овој закон важеше до март годинава, но на почетокот на 2021 година Владата предложи продолжување на истиот до 2026 година. Истовремено, Владата испрати во Собранието и втор контроверзен Закон за справување со дивоградбите, кој навидум, но не и суштински, спречува легализација во рамки на светското наследство. Доколку се усвојат двата закони, не само што нема да има никакви пречки, туку до 2026 година ќе може да се легализираат и подоцна изградените дивоградби во Охридскиот регион, а можеби и оние за кои веќе постојат правосилни одлуки за одбивање и решенија за отстранување.

До денес не е изработен ниту Инвентар, иако уште со стариот закон за легализација од 2011 година, сите општини вклучувајќи ги и општините во Охрид, Струга и Дебрца имаат законска обврска да водат регистар на поднесени барања за легализација, што е своевиден инвентар на дивоградби.

„Минатата година до УНЕСКО е испратена лажна информација дека Инвентарот е изработен. Во февруари  Владата прво го задолжи Министерството за транспорт и врски да формира работна група за постапување по наводно постоечкиот Инвентар и во рок од 10 дена да достави Акциски план, за следниот месец ова задолжение да се промени во обврска да се формира работна група во рок од седум дена, која ќе достави мапа со дивоградбите до крај на март. Групата е формирана дури во ноември, а од одговорот и документите кои ги добивме од Министерството за транспорт може да се заклучи дека до денес сѐ уште нема Инвентар“, велат од Фронт 21/42.

Лажна информација до УНЕСКО, велат од организацијата, е испратена и годинава, и се однесува на тоа дека во државава нема правна основа за спроведување на проценките на влијание. Со избегнување на овој процес, велат од Фронт, се избегнува објавувањето на Инвентарот и вклучување на јавноста. Без истото јавноста никогаш нема да дознае чии дивоградби имаат негативно влијание, но сепак се „амнестирани“.

Инаку, до Општина Охрид досега се поднесени 15.939 барања за легализација на 19.935 нелегални градби, од нив 2.348 се во рамки на Националниот Парк „Галичица“, а во Струга има над 10.000 барања за легализација. Меѓу дивоградбите има 475 станбени згради, 358 се деловни објекти, има 22 нелегални хотели и хотелски комплекси.

„Знаејќи го сето ова, отстранување на дел од конструкциите на плажите, главната активност на нашите институции пред да заседава Комитетот за светско наследство, е многу, многу далеку од одлучно постапување со дивоградбите“, заклучуваат од Фронт 21/42.