Фон дер Лајен го претстави новиот состав на Европската комисија

Говорејќи пред новинарите во Стразбур утрово, шефицата на Европската комисија го опиша новиот состав како „поинтерактивен и меѓусебно поврзан“ и рече оти ќе биде фокусиран на основните принципи на просперитет, безбедност и демократија

-

Претседателката на Европска комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен го претстави новиот состав на ова тело.

Политичкото тргување го одложи претставувањето на тимот на Фон дер Лајен, откако таа беше принудена да лобира во поединечни земји-членки да ги заменат нивните машки кандидати со жени за да се зајакне родовата eднаквост.

Претставувањето на составот на ЕК доаѓа еден ден откако францускиот еврокомесар Тиери Бретон драматично поднесе оставка, известува Гардијан.

Бретон како причина го наведе „сомнителното владеење“ на извршната власт на ЕУ и во отворено писмо рече дека претседателката на комисијата побарала од Париз да го повлече неговото име од „лични причини“.

Говорејќи пред новинарите во Стразбур утрово, шефицата на Европската комисија го опиша новиот состав како „поинтерактивен и меѓусебно поврзан“ и рече оти ќе биде фокусиран на основните принципи на просперитет, безбедност и демократија, јави „Јуроњуз“.

Таа назначи шест извршни потпретседатели – четири жени и двајца мажи, на кои ќе им се даде поголемо влијание врз работата на извршната власт и ќе ја надгледуваат работата на комесарите.

Меѓу нив се Шпанката Тереза Рибера, Французинот Стефан Сежурне, како и Италијанецот Рафаеле Фито, и покрај тоа што европските социјалисти неодамна ја предупредија Фон дер Лајен да не му го предава потпретседателското место на крајнодесничарскиот избор на италијанската премиерка Џорџија Мелони.

„Италија е многу важна земја и една од нашите основачки членови и тоа мора да се одрази и на изборот“, изјави Фон дер Лајен.

Останатите потпретседателски позиции им беа предадени на поранешната премиерка на Естонија, Каја Калас, како и на Романката Роксана Минзату и Хена Виркунен од Финска.

Сите номинирани мора да се појават на сослушување пред комисиите на Европскиот парламент, пред парламентот да гласа дали да го одобри целиот состав на комисијата.

Додека некои номинирани се очекува да бидат примени од европратениците без многу контроверзии, други може да се соочат со тешки сослушувања, пишува Гардијан.

Кандидатот на Унгарија, Оливер Вархеји, не се очекува да добие поддршка од европратениците.

Европската комисија е предводена од нејзиниот претседател и 26 комесари, по еден од секоја земја-членка на ЕУ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

УСС УКИМ: Филозофскиот факултет ги повлече зголемените трошоци за студентите

Филозофскиот факултет ги повлече новововедените трошоци за „онлајн ресурси“ и „материјални ресурси“, што студентите на овој факултет требаше да ги плаќаат при запишувањето на претстојниот зимски семестар. Универзитетското студентско собрание...