фото: ФИТР

Повеќе од 70 отсто од стартап компаниите во државата во фазата на развој на бизнисот имаат потреба од дополнителни финансиски средства, покажува истражувањето од „Стартап Македонија“ со поддршка на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР). Според анализата со која се опфатиле над 80 стартапи од државава и повеќе од 28 организации за поддршка и инвеститори, дури 62,7 отсто домашни стартапи аплицирале на повиците за кофинансирање, а 60 отсто од нив добиле финансиска помош од ФИТР.

Заклучоците од спроведеното истражување велат дека стартапите најмногу треба да работат кон усовршување на продажните вештини за да ги зголемат приходите и развојот на својот бизнис. Според интервјуираните инвеститори и организации за поддршка во истражувањето, стартапите покажале дека се добри во фазата на развој на производ, но им недостигаат суштинско знаење и вештини за да напредуваат во подоцнежните фази.

Најзастапена индустрија на стартап компании кои започнуваат бизниси е софтвер за претпријатија, со учество од 24 отсто, а најголем пораст бележи здравствената индустрија, односно, од 3 отсто во 2016 година, на 12 отсто во 2021. Анализата покажала дека кризата предизвикана од пандемијата со ковид-19 не е толку загрижувачка за стартапите и организациите кои ги поддржуваат. За време на пандемијата 40 отсто стартапи имале можност за раст и развој на бизнисот, додека еден од три стартапи забележале негативен ефект. Во однос на возраста, 45 отсто од стартапите се основани од лица од 28-35 години, а еден од три стартапи е основан од жена (66,6 отсто).

„Стартап компаниите сочинуваат над 50 отсто од портфолиото на ФИТР. Во последните шест месеци направивме промени преку формирање на Национален Стартап совет, за полесен начин за финансиска поддршка, квалитетно менторирање, пристап до дополнителни средства од банки и други активности. Стартапите се главен двигател во една економија и сигурен сум дека наскоро ќе ја позиционираме Северна Македонија како центар за стартапи и иновации во регионот” , изјави Коста Петров, директор на ФИТР.

Според Дејан Алексов од „Стартап Македонија“, фрагментираноста на стартап екосистемот присутна пред 4 години, сега се надминува бидејки е зголемена комуникацијата и размената на информации помеѓу чинителите. Во анализата од 2018 година, 18,5 отсто од компаниите покажувале интерес за локалниот пазар, а сега тој процент е зголемен на 32 отсто.

„Овој тренд е навистина позитивен, имајќи предвид дека стартапите можат да внесат вистинска иновативност во домашната економија“, вели тој.