Фото: Влада на РСМ

Министерот за здравство Венко Филипче вечерва во Собранието одговарајќи на прашање на пратеник од опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги отфрли обвинувањата дека владини функционери преку ред се вакцинирале против Ковид 19. Филипче посочи дека вакцинацијата во земјата се води исклучиво според Националната стратегија за имунизација и никој не го злоупотребил процесот.

„Знам дека сакате да не успееме во нашата борба за да освоите некој евтин политички поен, меѓутоа ќе ве разочарам ние оваа борба ќе ја добиеме. Сè што значи дозволен пристап на податоци на што самите граѓани ќе се сложат да ги отстапат, од нивното здравствено досије, дојдете и земете ги. Одговорно ви кажувам дека не е вакциниран ниту еден функцинер, ниту еден министер во владата, ниту еден директор“, рече Филипче.

Тој додаде дека списоците се регрутирани од страна на сите јавни здравствени установи во коишто се лекуваат или прегледуваат пацинети со ковид, болници, клиники, здравствени домови, приватни здравствени установи, приватни стоматолошки установи, матични лекари и тоа е единствениот начин на којшто луѓето се вакцинираа.

„Што се однесува до мене лично буквално сите податоци и списоци ќе ги добиете, доколку луѓето се согласат да ги дадат тие податоци. И уште еднаш ќе се покаже дека оваа лага ќе ви падне во вода. Дојдете да видите како се борат здравствените работници вистински лавовски“, рече Филипче.

Министерот порача дека ВМРО ДПМНЕ од почетокот на пандемијата се обидува да го поткопа здравствениот систем со лажни вести и клевети.

„И додека целиот свет се бори, и е во војна исто како нас, да стигне до вакцините, вие сте на спротивната страна. Ние се бориме и за вакцините, меѓутоа се бориме и против лажните вести коишто вие ги ширите“, рече Филипче.

Тој го обвини претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека од една страна вели оти е многу задоволен од третманот на Инфективната клиника, а заткулисно ги поткопувате сите можни обиди да се зајакне здравствениот систем.

„Блокирате закони, да ве потсетам за блокирањето на Законот за задолжување заради што каснеа модуларните болници, опремата и сето тоа што значеше поддршка за целокупниот здравствен систем во изминатиот период. Да не го спомнувам и Законот за клинички центар, којшто го блокиравте со 2000 амандмани, сè со цел да не дозволите натамошен развој на здравствениот систем во нашата земја“, рече Филипче во Собранието.