Министерот за здравство Венко Филипче на својот Фејсбук профил денеска информираше дека починал првиот доктор од компликации од корона вирусот во земјава.

Тој информира дека во ГОБ ,,8 Септември” во Скопје, на 64-годишна возраст, починал уролог од Тетово. Докторот бил хоспитализиран заради невролошки проблеми, но и бил позитивен на ковид-19. По 15 дена болничко лекување, тој ја загубил битката со болеста.

Министерот Филипче информира дека станува збор за искусен доктор кој бил на само неколку месеци до пензионирањето, за што изрази жалење и длабоко сочуство до неговото семејство.

„Апелирам до моите колеги здравствените работници да се чуваат и заштитуваат, на работното место соодветно на протоколите, но и надвор од него. Апелирам и до граѓаните да ги почитуваат мерките, да се заштитат себеси, здравствените работници и сите свои сограѓани“, апелира министерот Венко Филипче во својата објава.