Архивска фотографија, Венко Филипче по средбата на Советот за безбедност кон крајот на октомври | Автор: Арбнора Мемети

Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека според резултатите од Клиниката за психијатрија, изолацијата за време на долгите карантини поради пандемијата со Ковид-19, резултирала со зголемен број на случаи на семејно насилство.

„Разговарав со директорот на психијатриската клиника, секојдневно се регистрираат вакви случаи. Нивната онлајн амбуланта е преоптоварена со повици и тоа трае од почетокот на кризата, од март месец. Колегите се силно посветени на ова прашање, ги решаваат проблемите и ги зголемуваат тимовите кои излегуваат во пресрет на жртвите на насилство“, потенцираше Филипче и додаде дека некаде околу 30 проценти е зголемувањето во однос на истиот период во 2019 година.

Од Хелсиншки комитет, по повод 16 дена активизам против родово базирано насилство која е годишна меѓународна кампања што започнува на 25 ноември, Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените и трае до 10 декември, Денот на човековите права, сметаат дека она што треба да значи позитивно придвижување во борбата против насилството врз жените и девојчињата е најавата за усвојување на новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, како дел од обврските на државата прифатени со ратификацијата на Истанбулската конвенција во декември 2017 година.

„Овој Закон беше предвидено да се донесе до крајот на 2019 година, меѓутоа заради закажување на предвремените парламентарни избори не беше ставен на гласање во Собранието, а со кризата предизвикана од пандемијата неговото донесување дополнително се одолжи.Она што се очекува со донесувањето на овој закон е значително подобрување на институционалната и сеопфатна поддршка на жртвите на родово базирано насилство,“ се вели во соопштението.

Од Хелсиншки велат дека справувањето со пандемијата на ковид-19 значеше и повлекување во домовите како превентивна мерка за заштита на јавното здравје.

„Имајќи предвид дека домот генерално претставува едно од најнебезбедните места за жените, ранливоста на жените беше значително зголемена за време на рестриктивните мерки. Хелсиншкиот комитет за човекови права од самиот почеток апелираше сите релевантни институции соодветно и навремено да постапуваат по пријавите за семејно и родово базирано насилство, за да се спречат фаталните последици кои може да ги предизвика насилството, особено во домот. Она што беше од особена важност овој период, е овозможувањето поддршка и охрабрување на жртвите за да го пријават насилството. Искуството покажува дека еден од најсериозните проблеми е токму непријавувањето од страна на жртвите, што е резултат на недовербата во институциите, неказнувањето на насилниците, но и стравот и срамот, а честопати и непрепознавање на насилството од страна на самите жртви,“ се додава во соопштението.