Европскиот суд ќе треба да одлучи дали ИП-адресите ќе се сметаат за лични податоци, откако германскиот федерален суд одлучи да ја префрли надлежноста на Европскиот суд на правдата на ЕУ.
– Пресудата на судот ќе биде од клучно значење за тековната дебата за реформите на законот за заштита на податоци на ЕУ, како за практиката на интернет-страниците да ги следат и зачувуваат ИП-адресите на корисниците – велат од Федерацијата на германските потрошувачи.
Доколку судот пресуди дека ИП-адресите се лични податоци, тоа ќе има огромни последици за олеснувањето на употребата на интернетот во Европа. Во согласност со германскиот закон, зачувувањето на личните податоци може да се врши само со дозвола на корисниците или, пак, доколку се користат за вршење наплата. Доколку ИП-адресите се сметаат за лични податоци, тогаш корисниците, при секоја посета на веб-страница ќе мора на страницата да ù дадат согласност за зачувување или, пак, веб-страниците ќе мора да почнат да ги зачувуваат според друга правна основа – велат од Федарцијата на германските потрошувачи.
Случајот го покрена германскиот активист за човекови права Патрик Брејер, кој ја тужеше владата на Германија дека ја нарушила неговата приватност така што ја зачувала неговата ИП-адреса подолго отколку што било неопходно.
Веб-страниците на германската влада ги зачувуваат ИП-адресите и часот на посета на сите посетители. Власта ги чува овие податоци во посебно лог-досие за да може кривично да ги гони во случај да извршат хакерски напад, соопшти германскиот Федерален суд.
Брејер бара владата да ја измени оваа практика, односно да ги брише податоците за ИП-адресата откако корисникот ќе ја напушти страницата. Според Брејер, ИП-адресата претставува личен податок и за негово зачувување е потребна согласност.
Еден од проблемите при утврдувањето на тоа дали ИП-адресата е личен податок е тоа што интернет-корисниците не секогаш користат иста ИП-адреса. Интернет-провајдерите одвреме-навреме им ја менуваат ИП-адресата на корисниците.
Сепак, според студијата на Институтот за безбедносни информатички технологии и интернет-следење „Фројнхофер“, 72 проценти од интернет-корисниците по две недели имаат иста ИП-адреса. Дури и откако ќе им се смени, следачите можат да ја препознаат новата, комбинирајќи други податоци со ИП-адресата. Овие податоци не може да се сметаат за анономни, сметаат истражувачите.
Сепак, крајниот збор ќе го даде Европскиот суд на правдата на ЕУ, но процедурата би можела да потрае неколку месеци.