Фото: Архива на Мета.мк

Аерозагадувањето во Скопје било далеку пониско изминатата пролет, кога на сила беше полицискиот час, во споредба со есенва. Рестрикциите на движењето, коишто го ограничија сообраќајот во Скопје, индустриското производство, па дури и палењето на огнови на отворено, доведоа до почист воздух во текот на март и април, наспроти месеците октомври и ноември 2020 година, покажуваат податоците за мерењето на квалитетот на воздухот на мерните станици во Скопје од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖССП).

„Мета.мк“ направи анализа на месечните извештаи за квалитетот на воздухот во Скопје. Најпрво, температурата на воздухот се чини дека не влијаела премногу на степенот на загадување на воздухот. Во април 2020, просечната температура била за над 1,2 степени пониска во споредба со октомври 2020, додека во март 2020 истата била за 2,1 степен повисока во однос на ноември 2020, покажуваат податоците од мерната станица во Ѓорче Петров. И покрај ваквите минимални придвижувања на температурата, податоците покажуваат дека есенва сепак воздухот бил позагаден во споредба со пролетта.

Мерењето на квалитетот на воздухот покажува дека концентрациите на ПМ-2.5, ПМ-10 честичките и азотниот диоксид (NO2) биле повисоки есенва наспроти изминатата пролет. Па така, податоците на МЖССП покажуваат дека во октомври 2020 година среднодневните концентрации на суспендирани ПМ-10 честички на мерната станица Лисиче биле за 34 отсто повисоки во споредба со април. Среднодневната концентрација на ПМ-10 честички за целиот април изнесувала 33,4 микрограми на метар кубен, додека во октомври оваа бројка изнесува 50,58 микрограми на метар кубен.

На идентичната мерна станица, среднодневната концентрација на суспендирани ПМ-10 честички во март изнесувала 54 микрограми на метар кубен, додека во ноември оваа бројка изнесувала фрапантни 126,9 микрограми на метар кубен. Ова значи дека присуството на ПМ-10 честичките минатиот месец било за дури 57,5 отсто повисоко во споредба со март 2020 година.

Во април, во екот на полицискиот час, во Лисиче имало само 3 дена во кои било регистрирано надминување на дозволената дневна граница на ПМ-10 честичките. Во октомври, енормно бил загаден воздухот со ПМ-10 честички во текот на 11 дена, односно толкав период е регистрирано надминување на 24-часовната вредност на овие штетни честички.

Исто така, дури 26 од вкупно 30 дена во ноември имало надминување на 24-часовната дозволена вредност на ПМ-10 честичките на мерната станица Лисиче, наспроти 18 дена колку што се регистрирани во март 2020 година, покажуваат податоците од месечните извештаи на МЖССП.

И во однос на најопасните честички што се испуштаат во воздухот – ПМ-2.5 честичките, состојбата била полоша есенва во споредба со изминатата пролет. На мерната станица во Центар, зголемувањето на ПМ-2.5 честичките во октомври било за 23,5 отсто во споредба со април. Просекот на ПМ-2.5 честички за октомври бил 26,29 микрограми на метар кубен, додека во април 2020 просекот за цел месец изнесувал 20,12 микрограми на метар кубен.

Во ноември 2020 година, среднодневните концентрации на ПМ-2.5 честичките во Центар биле 56,8 отсто повисоки во споредба со март 2020 година. Просекот за ПМ-2.5 честичките за претпоследниот месец од годинава изнесувал 57 микрограми на метар кубен, додека во март тој изнесувал 24,7 микрограми на метар кубен.

 

Идентична е состојбата со среднодневните концентрации на ПМ-2.5 честичките и на мерната станица во Карпош. Во октомври имало зголемување на ПМ-2.5 честичките за 16 отсто во споредба со април 2020 година, додека во ноември нивното присуство во воздухот било за дури 48,9 отсто повисоко во споредба со март 2020.

Во октомври, среднодневните концентрации на ПМ-2.5 честички во просек биле 23,07 микрограми на метар кубен, додека во април тие изнесувале 19,39 микрограми на метар кубен. Во ноември, просекот за присуство на ПМ-2.5 честичките во воздухот во Карпош изнесувал 52 микрограми на метар кубен, додека во март 26,6 микрограми на метар кубен.

Инаку, „Мета.мк“ веќе пишуваше дека во периодот на ограничено движење на населението во текот на април 2020 година, просечната фреквенција на возила на три клучни крстосници во Скопје била намалена за 2 до 2 и пол пати во споредба со периодот кога немало полициски час, во март 2019 година. Ова значи дека кога транспортот е активен, особено движењето на автомобилите по улиците, воздухот во Скопје бил позагаден, и тоа не само со ПМ-2.5 и ПМ-10 честички, туку и со азотен двооксид (NO2).

Податоците на Државниот завод за статистика велат дека во 2019 година во главниот град биле регистрирани 148.892 автомобили, односно за скромни 592 вакви возила помалку во споредба со претходната година. Вкупниот број на возила во Скопје лани изнесувал 174.008 возила.