Екологистите задоволни што законите за Охридско Езеро и Студенчишко Блато ќе се доработуваат

Екологистите реагираа дека усвојувањето на законот без претходно да се ревидираат зонирањето на езерото и дозволените активности во различните зони, е спротивно на препораката на Бернската конвенција

Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање ги повлече предлог законите за прогласување на Охридското Езеро за споменик на природата и за прогласување на Студенчишко Блато за парк на природата. Граѓанската организација „Фронт 21/42“, која во изминатиот период имаше многу забелешки на текстот на законите, денеска информираше дека се задоволни од оваа одлука и дека очекуваат правните акти да се доработат во соработка со граѓанскиот сектор.

„Искрено го поздравуваме ваквиот потег и се надеваме дека МЖСПП во најскоро време ќе отпочне широки консултации со сите засегнати страни за доследно да се вградат препораките на Бернската конвенција и да се обезбеди ефективна заштита каква што заслужуваат овие две исклучително значајни меѓународно заштитени подрачја. Се надеваме дека повлекувањето на Предлог законите означува почеток на блиска соработка меѓу институциите и граѓанскиот сектор која ќе резултира со вистинска заштита на нашето најголемо природно богатство, но и унапредување на владеењето на правото во нашата земја“, велат од „Фронт 21/42“.

Ова организација претходно достави претставка до собраниските комисии кои ги разгледуваат предлог законите преку кои укажуваше на неусогласеност со Уставот и бараше да се стопира усвојувањето. Екологистите реагираа дека усвојувањето на законот без претходно да се ревидираат зонирањето на езерото и дозволените активности во различните зони, е спротивно на препораката на Бернската конвенција, која е ратификувана од земјава и не може да се менува со закон. Сметаат дека Студијата за валоризација не ги содржи законски обврзните информации, ниту го спроведува Планот за управување со Светското природно и културно наследство во Охридскиот регион, а само еден пример е што во неа охридската пастрмка не е наведена меѓу клучните видови за езерото.