Новинарите во Македонија во последнава година наместо автори на вести, самите станаа вест. Таков е и последниот случај со бруталното претепување на снимателот и на новинарот на „А1он“, Влатко Желчески и Александар Тодески, кој се надоврза на низата физички напади врз новинарите, било во текот на извршување на работните задачи или во друго време. Во изминатава година оштетувањата на имотот на новинарите, навредите и заканите, дури и со убиство, пак, се неколкупати побројни. Притоа, беа демолирани и редакции.

Попречувањата на работата на новинарите и заканите со тужби, од високи функциониери до институции и обични граѓани, пак, се бројат со десетици – и тоа само во текот на 2016 година и во првите два месеца на годинава.

Последниот инцидент пред претепувањето на Желчески и на Тодески завчера вечерта, кои завршија в болница со потрес на мозок, е опожарувањето на вратата на гаражата на Зоран Милошевски од Прилеп, сопственик на порталот „Публикум“, дописник на неделникот „Фокус“ и соработник на порталот „Слободна Македонија“ на 24 јануари годинава.

На 20 октомври лани новинарот на телевизија „Телма“, Павле Беловски, пред Министерството за внатрешни работи е нападнат со тупаници и со клоци од лице со криминално досие, додека известувал за увидот на Специјалното јавно обвинителство во Управата за безбедност и контраразузнавање за аферата за прислушување.

На 22 април минатата година, новинарот и фоторепортер Петар Ставрев од Битола бил физички нападнат од К. Б. додека известувал за протестите против градоначалникот Талески. Интервенираше и полицијата.

Ден претходно, камерманот на телевизијата „Мега“ од Битола, Владимир Бошковски, е нападнат од учесници на опозицискиот протест пред Општина Битола. Камерманот бил туркан и навредуван и му било наредено да престане да снима.

На 17 април лани група граѓани на антивладиниот протест ги демолираа работните простории на „Радио Слободна Македонија“ (РСМ) во Скопје.

Четири дена претходно, на 13 април, се случи можеби најжестокото тепање на новинари во изминатиов период. Група новинари и фоторепортери беа физички нападнати од полицијата додека го следеа протестот против одлуката за аболиција пред канцеларијата на претседателот Ѓорѓе Иванов. Новинарот Горан Наумовски од порталот „Плусинфо“ беше удиран со пендрек по глава и притоа загубил свест, додека фоторепортерите Огнен Теофиловски од „Вест“, Наќе Батев од „Вечер“ и Борче Поповски од „Слободен печат“, како и Томислав Георгиев од „Фокус“ беа нападнати од полицајци и покрај тоа што биле соодветно означени како професионални новинари.

Новинарот Јане Мамучевски од порталот „Малешевски весник“, по налог на градоначалникот Драги Наџински, на 4 април лани е избркан од седницата на Советот на Берово. Новинарот Мамучевски тврди дека од истите мотиви му било оштетено и приватното возило.

Бројката на навредувани, туркани, пцуени новинари, на попречување на нивната работа е неколкукратно побројна од овие наброени случаи.

ЗНМ објави и публикација во која ги третира сите напади, закани и попречувања во периодот од 2013 до 2016 година.

Над 100 новинари од регионот се солидаризираа со колегите во земјава. Регионалната неформална иницијатива „Новинарска мрежа“, најостро ги осуди физичките напади врз екипата на поратлот „А1он“ во Скопје и побара остра и брза реакција на државата, ефикасно полициско и судско процесуирање и адекватна реакција на меѓународната заедница и меѓународните организации.