Дроновите во светот разнесуваат храна и фрлаат бомби, кај нас не можат да ловат ниту загадувачи

Во Македонија пред повеќе од пет години од властите беше ветено дека дроновите од воздух ќе ги ловат несовесните граѓани кои фрлаат ѓубре кај ќе стигнат и палат отпад на отворено, но наместо ова, дроновите од инспекторите се предвреме испратени во стечај

Извор на фотографија: Jason Blackeye on Unsplash

Дроновите денес берат јаболки по плантажи наместо луѓе, испорачуваат храна, фрлаат бомби во Украина и ги откриваат позициите на непријателот, вршат најразновидни типови на мониторинг од воздух и имаат многу други функции во различни краеви од светот. Во Македонија пред повеќе од пет години од властите беше ветено дека дроновите од воздух ќе ги ловат несовесните граѓани кои фрлаат ѓубре кај ќе стигнат и палат отпад на отворено, но наместо ова, дроновите од инспекциските служби се предвреме испратени во стечај.

Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) во јануари 2018 година објави дека изнајмил дронови кои ќе ги користат инспекторите кои ќе одат во редовни и вонредни инспекциски надзори за откривање на загадувачите, а беше најавено дека ќе набават и термални камери за да може дроновите да ги откриваат престапниците и во текот на ноќните часови.

„Се надеваме дека со овие снимки и слики ќе може да се види она што инспекторите кога се на терен не можат да го проверат, на пример кога станува збор за приватен имот или фирма, која по 16 часот не работи и практично е затворена и инспекцијата не може да влезе“, изјави тогашниот директор на Државниот инспекторат за животна средина Мирослав Богдановски за порталот СДК.мк.

Пет години подоцна, од Државниот инспекторат за животна средина за Мета.мк велат дека не користат дронови при нивните надзори, односно она што било најавено во 2018 година денес не се користи.

„ДИЖС нема некоја голема потреба од дронови, можеби за надзор кај водостопански објекти и заштитени подрачја, но само за одредени надзори“, гласи одговорот што го добивме од овој Инспекторат.

Од ДИЖС велат дека иако дроновите се иновативни алатки, тие повеќе се наменети за институции кои вршат мониторинг и додаваат дека со новиот Закон за контрола на индустриски емисии, сите оператори со А-интегрирани еколошки дозволи ќе имаат обврска за континуиран мониторинг.

Инаку, само неколку месеци откако ДИЖС во 2018 година ја најави употребата на дронови и Градот Скопје во ноември 2018 година вети дека нивниот инспекторат за животна средина ќе користи дронови за да ги открие загадувачите на животната средина во главниот град.

„Жителите на Аеродром и на Гази Баба веќе подолг период се задушуваат од непријатна миризба што се шири покрај кејот на Вардар. Сега, со 3Д мапирањето на „Вардариште“ ќе се добие целосна слика на опфатот на депонијата, односно во кои делови се пали отпад, особено ако тие делови се наоѓаат на приватни имоти. Инспекторатот на Град Скопје ќе добие прецизни податоци, со што полесно ќе може да ги извршува задачите“, изјави на 19 ноември 2018 година тогашниот портпарол на Град Скопје, Ваљон Салиху.

Пет години подоцна, од скопската градска власт молк во однос на нашите прашања за тоа дали и колку често инспекторите по животна средина користат дронови при инспекциските надзори, во колкав број од извршените надзори годинава биле користени дронови и друга современа опрема за да се откријат загадувачите, а прашавме и дали му е потребна современа опрема на одделението за инспекциски надзор над животната средина на Град Скопје. Мета.мк на 3 и на 9 октомври 2023 година по електронска пошта испрати прашања до Град Скопје на оваа тема, но не добивме одговори на поставените прашања.

Покрај до властите во главниот град, Мета.мк постави прашања и до локалните власти од Струмица и од Битола за тоа дали општинските инспектори за животна средина користат дронови при откривањето на загадувачите во нивните населени места.

Иако во два наврати ги испративме нашите прашања до струмичката локална самоуправа на 3 и на 9 октомври, одговори до пишувањето на овој текст не добивме.

Од Општина Битола пак за Мета.мк велат дека нивниот инспекторат за животна средина не користи дронови при надзорите што ги вршат.

Од битолската локална самоуправа појаснуваат дека во земјава не постојат никакви законски пречки во користењето на дронови и снимки од дронови при инспекциски надзор од страна на одделението за инспекциски надзор над животната средина во Општина Битола, но додаваат дека кај нив постојат други пречки од аспект на човечки ресурси.

Токму поради пречките од аспект на човечки ресурси што ги имаат во Одделението за инспекциски надзор над животната средина, Општина Битола во моментов нема можност за користење на дронови и друга современа опрема при откривањето на загадувачите на животната средина.

„Не би требало да постојат проблеми со користењето на видео снимки снимени од дрон при казнувањето на престапниците пред суд или други органи доколку може да се докаже времето и местото кога се направени“, појаснуваат за Мета.мк од Општина Битола.

Инаку, овластениот инспектор за животна средина на Општина Битола во 2023 година досега имал извршено 57 редовни надзори, 31 вонредни и 18 контролни надзори, при што во дел од нив освен фотографии и стручни извештаи од мониторинг од страна на акредитирани лаборатории, не биле користени дронови.

Државните и локалните власти во 2018 година го ветија воведувањето на употребата на дроновите при инспекциските надзори како моќна алатка која првенствено треба да ги открие поединците кои намерно палат отпад и други материи на отворено и го загадуваат воздухот. Исто така, дроновите беа најавувани како ефикасно средство за откривање на лицата кои фрлаат ѓубре на недозволени места – во реките, по парковите, во доловите и на било кое друго место во природата. Со дронови можат визуелно да се проверуваат и оџаците на фабриките и други објекти кои го загадуваат воздухот.

Сепак, пет години подоцна, во 2023 година иако ѓубришта низ земјава се создаваат на сите страни, а аерозагадувањето е горлив проблем за македонските градови, инспекциските служби на национално и локално ниво не се опремени со современи дронови, кои од воздух можат да ги ловат загадувачите и да ги снимат на дело престапниците кои ја уништуваат животната средина, а со тоа многу полесно да ги казнуваат нив, да превенираат загадување и да спречат опасности по човековото здравје.